Активности на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија

Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија со поддршка на Министерството за култура, а во рамките на Годишната програма реализирани се повеќе проекти од сите дејности на културата …

Настаните кои беа реализирани во првата половина од годината имаа одличен прием кај тамошната јавност, а до крајот на годинава предвидено е претставување на повеќе разновидни културни содржини.

Според информациите од Културно-информативниот центар, годинашната програма, која е содржински богата и квалитетна, во првата половина од годината ја проследиле над 3.500 посетители, меѓу кои голем број претставници на странски амбасади во Софија, претставници на други културни центри во оваа метропола, но и странци што живеат и работат во Софија.

Од настаните кои досега се реализирани ќе ги споменеме концертите на дуото кларинети „Ѓоревски-Бакревски“, концертот за клавир и обоа на Кристина Светиева – Томе Атанасов, концертот на триото хармоники „АКОРДИОМ“, како и балетската претстава „Роболеро“ која се реализираше во авторство и кореографија на Искра Шукарова. Воедно, со поддршка на Министерството за култура, во КИЦ Софија се одржаа и изложби на македонските уметници Касиопеја Наумовска, Ридван Алити, Илија Кавкалески, Марина Лешкова и Атанас Атанасоски, а Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица се претстави со изложбата „50 години Струмичка ликовна колонија“. Од големо значење се и книжевните настани: промоцијата на деветте тома од пишаната оставнина на Павел Шатев, промоцијата на новата генерација македонски писатели, дводневната македонска книжевна визита, книжевниот портрет на академик Митко Маџунков, како и книжевната манифестација „Европската ноќ на литературата“.

До крајот на годината во КИЦ Софија ќе се реализира концерт на дуо „Кировски“, изложба на дела од „Меѓународното биенале на мала графика во Тетово“ во организација на Музејот на тетовскиот крај, изложбата „Мајка Тереза- икона на милосрдието“ во организација на НУ „Спомен куќа на мајка Тереза“, самостојната изложба на Тања Таневска, Ладислав Цветковски и заедничката изложба на Константин Качев и Синиша Кашавелски. Воедно со поддршка на Министерството за култура, а во организација на КИЦ на Република Македонија во Софија ќе бидат претставени и книжевни портрети и промоција на книги на Богомил Ѓузел и Лилјана Дирјан.

Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија има и богат библиотечен фонд со над 4.000 наслови и редовна фрекфенција на посетители, кои изнајмуваат книги, користат бесплатен интернет или добиваат рекламен туристички материјал со кој располага Центарот.

umetnici_1a_640