Во тек е реконструкција на пумпната станица во Св.Еразмо

Градоначалникот на Општина Дебрца, Игор Трајкоски беше во работна посета на Пумпната станица во Св. Еразмо, каде отпочнаа градежните активности околу реконструкција на Пумпната станица. Имено кај Пумпната станица во Св.Еразмо која е дел од водоснабдителниот систем за селата Оровник, Горенци, Требеништа и Подмолје, планирано е да се изврши прочистување на бунарот кој е длабок 80 метри, замена на старата пумпа со нова помоќна и поекономична пумпа, поставување на нов хлоринатор, замена на електрониката за автоматско функционирање на пумпата, како и замена на фасонските делови од истата. За реконструкцијата на Пумпната станица во Св. Еразмо, средствата во износ од околу 1 милион денари, се обезбедени преку проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води” кој го реализира Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски со средства добиени од Европската инвестициска банка.

„Со реализирањето на оваа инвестиција за населението и деловните субјекти кои се снабдуваат со вода за пиење преку пумпната станица Св. Еразмо, ќе се обезбеди трајно решавање на долгогодишните проблеми и ќе се овозможи подобро и поквалитетно водоснабдување за целото население, како и поефикасно управување со системот за водоснабдување. Осебено се очекува подобрување на системот за водоснабдување во летниот период, каде поради застареноста на Пумпната станица, доаѓаше до прекин во водоснабдувањето“. – истакна Градоначалникот Игор Трајкоски.

Проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води“ има за цел подобрување на условите и подигнување на квалитетот на живот, посебно во руралните средини и е дел од политиките на Владата на Република Македонија за рамномерен регионален развој. Неговата реализација значително ќе ги подобри квалитетот, ефикасноста, достапноста и сигурноста во овозможувањето на комунални услуги на населението, со што се дава позитивен импулс за натамошен развој на населените места во кои се рашава проблемот со водоснабдување, како и поефикасно управување со ситемот за водоснабдување.