На 15-ти август во охридското село Велестово, на сред село, со почеток во 21 часот, по 26-ти пат ќе се одржи манифестацијата Поетска ноќ во Велестово.
Оваа година манифестацијата е посветена на поетското творештво на академик Катица Ќулавкова. За нејзиното творештво ќе беседи проф. д-р Владимир Мартиновски. Стихови ќе читаат членови на Независната аматерска театарска група Аматер од Охрид.
„Поетска ноќ во Велестово е своевиден феномен, празник на поезијата кој, веќе завлезен во третата деценија, ненаметливо, стрпливо, упорно неа ја враќа на праизвориштето исполнето со духовна енергија и го буди исконскиот поет во нас. Вдахновеноста е и ѕвездена и езерска. Во Велестово се случува уметност, Велестово и оддава почест на уметноста.
Ако се свртиме наназад ќе ја видиме плејадата создатели која поминала низ незините духовни патишта врз чиј ѕвезден прав ги оставиле своите мистично осветлени стапалки како возвишен показ кон светилиштето на нашиот насушен ни јазик. Истово можеме да го кажеме и за поетите кои ни доаѓаат од странство и кои зад себе, во своите земји оставаат значајни записи и написи за манифестацијата, за Охрид и за македонската култура, а често, бараат начини и нешто да се преведи и да остане како сведоштво за нас.“- рече на денешната прес конференција, основачот на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, Славе Ѓорѓо Димоски.
Традиционално, покрај поетскиот портрет на еден наш истакнат поет, ќе биде одржана и ликовна изложба. Годинава, во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со слики и склуптури ќе се претстават шест млади уметници, членови на Центарот за културен проток АРТерија. Тоа се: Димитрие Ристески, Ели Аиноска, Стевчо Наумоски, Билјана Ангелеска, Ивана Групче и Зорица Азеска Спасеска.
На 16-ти август во просториите на Центарот за култура Григор Прличев во Охрид, со почеток во 21 часот ќе се одржи интернационално поетско читање, во чии рамки ќе се претстават поетите Патрик Котер од Ирска, Тања Бакиќ од Црна Гора, Барбара Погачник од Словенија и Зоран Јакимоски од Македонија .
Интернационалната вечер се одржува од 2008 год. и на неа до сега се претсатавиле поети од Сирија, Франција, Ирска, Италија, Турција, Србија, Црна Гора, Словачка, Норвешка, Бугарија, Албанија, како и познатиот сликар Дик Робертс од САД.
Во соработка со Издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје, во рамки на годинешната поетска ноќ во Велестово ќе се одржи и промоција на три стихозбирки од поети учеснци на манифестацијата. Промоцијата ќе се одржи на 18 август во просториите на НУ Библиотека Григор Прличев во Охрид во 11 часот.
Ќе бидат промовирани книгите: „Никој не знае“ од Патрик Котер, „Семе и други песни“ од Тања Бакиќ и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски. Промотори ќе бидат: м-р Славица Гаџова, Славе Ѓорѓо Димоски и Тоде Илиевски.
Во рамките на оваа манифестација во изминатите 25 години било претставено творештвото на најпознатите македонски поети, сликари, критичари, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Гузел, Радован Павловски, сѐ до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, а од сликарите би ги споменале: Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славко Упевче и други.
Манифестацијата е помогната од Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид, Комерцијална Банка и други.