Министерството за одбрана и АРМ им оддадоа почит на македонските великани

Со денешното полагање венци свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробовите на претседателите Борис Трајковски и Киро Глигоров, како и на гробот на генералот Михаило Апостолски им оддаваме почит за она што го направија за формирањето на Армијата на Република Македонија која денес е главен стожер на стабилноста и мирот во Македонија, територијалниот интегритет на нашата татковина, што е предуслов за просперитет и развој, истакна министерот за одбрана на Зоран Јолевски по денешното положување венци со свежо цвеќе пред македонските великани по повод Денот на АРМ 18 Август.

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, во оваа пригода посочи дека со денешниот настан, им се оддава почит на тие што ја создадале Армијата и на тие што командувале со неа.

„Им благодарам за она што го направија како врховни команданти во однос на формирањето, функционирањето и модернизацијата на Армијата“, додаде генералот Котески.

На новинарско прашање поврзано со личноста и делото на претседателот Трајковски, министерот Јолевски како негов долгогодишен соработник рече дека тој со своите активности во голема мера придонел за модернизација и реформа на АРМ.

„Ние во 2000 година го започнавме процесот на модернизација и реформи на Армијата со цел да ги исполниме стандардите на НАТО-алијансата. Македонија денес има модерна Армија која целосно ги задоволува стандардите на НАТО и е способна да извршува и да биде дел од најсложените операции на Алијансата“, рече Јолевски.

Претседателот Трајковски, додаде министерот имал голема почит кон Армијата на Република Македонија и тоа бил еден од неговите главни приоритети за време на неговото претседателствување.

Венци положија и делегации од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Сојузот на борците, Сојузот на резервните воени старешини.