Албанскиот театар ја носи премиерата „Предавање“ на Охридско лето

Албанскиот театар од Скопје, еден од најчестите гости на „Охридско лето“ којшто низ годините наназад остави лепеза на театарски претстави не само во фестивалската историја, но и воопшто во историјата на македонскиот театар, утревечер во Охрид премиерно ќе ја изведе претставата „Предавање“, на текст од Мартин Мек Донах, а во режија на Ќендрим Ријани.

Како што истакна на денешната прес-конференција на „Охридско лето“ драмскиот селектор на фестивалот Ѓорѓи Јолевски, Мек Донах не е првпат поставуван на охридската фестивалска сцена, но и на македонската театарска сцена воопшто.

„Годинава, актерите од Албанскито театар се појавуваат со еден од најголемите и живи автори на денешницата Мартин Мек Дона, еден до најизведуваните автори во моментот во светот,познат и како режисер и како сценарист. За неговите дела од 2006 година досега ги има добиено сите можни признанија за драмски автор,а исто така и оскарза краток филм и други награди. Мек Донах не е непознат на македонскиот театар. Го имаме на репертоарот на МНТ уште во 1999 година, потоа во Драмскиот театар, а пред две години на „Охридско лето“ беше присутен со претставата „Човекот перница“ во режија на Давор Грдев, а во изведба на Театар 199 од Софија“– изјави Јолевски.

Адем Карага, директорот на Албанскиот театар од Скопје, потврди дека актерите од овој театар се редовни гости на „Охридско лето“, и секогаш настапуваат со огромно задоволство.

„Ние традиционално сме неоделив ден на „Охридско лето“, така што секоја година се обидуваме да дојдеме со нешто ново, со нешто посвежо. Една поговорка вели-„Новите времиња доаѓаат со нови луѓе“, и мене навистина мие драго што тие луѓе најдоа добро дувло во Албанскиот театар да ги изнесат своите знаења, умеења и професионалната работа. Всушност овој проект не за првпат се поставува во нашиот театар. Ова е втор текст од авторот Мек Донах којшто се поставува во нашиот театар. Сметам дека имаме направено добра работа и остваривме прекрасна соработка со младиот режисер Ријани“-рече Карага.

Режисерот Ќендрим Ријани којшто е роден во Кичево, како што истакна селекторот Јолевски, е млада надеж на театарот во регионот кој дипломирал на Академијата за уметност во Тирана, Албанија.

„Карактерите на претставата се многу добро дизајнирани и дефинирани и има неверојатно суптилен и софистициран англиски, да не речам ирски хумор. Самиот текст е со духот на црната комедија, но секогаш е многу силен и многу можен ракописот на Мек Донах“- нагласи Јолевски.

Jolevski i Karaga

Според Ријани, текстот има голема сличност со случувањата кај нас.

„Последниот текст е базиран врз вистинит настан. Дејството се случува во еден американски град, поделен на средината со река и во кој живеат луѓе со големи идентитетски и расистички проблеми. Мартин Мек Донах со неговото перо и преку четирите карактери на неговиот текст и носи на публиката многу трогателни вистини. Она што е посебно во поставувањето на овој текст е тоа што е поставен по правилата на театартот на Гротовски, што не е нешто вообичаено за делата на Мек Донах“, рече Ријани.

Една од улогите ја игра познатата актерка Амернис Јовановска Нокшиќи, единствената дама во претставата. Според неа, соработката со режисерот била одлична и токму тоа резултирало со исто така одлична претстава.

„Првпат работам со младиот режисер Ќендрим кој знаеше точно како да не проследи до таму каде што сме дојдени“-рече Јовановска Нокшиќи.

Актерот Џевдет Јашари вели дека е присутен во претставата од почеток до крај, така што целото време мора да ја држи енергијатана ниво.

„Го направивме тоа што требаше да го направиме. Не измисливме топла вода, но се надевам дека публиката сама ќе пресуди за претставата. Што се однесува до мојата улога, јас во претставата сум и виновен и обвинет“– појасни Јашари.

Луран Ахмети за првпат во претставата „Предавање“ добива една поинаква улога, зашто публиката секогаш гогледа преку сериозните ликови. Овојпат тој глуми зависник од дрога, што , според него е интересно, што има можност да направи нешто поинакво.

„Театарот и сите уметности се зависни од буџетот. Колку повеќе буџет ќе има, толку повеќе ќе се развиваме и ќе имаме подобри перформанси во која било сфера. Со помал буџет нема да се развиваме колку што треба. Мислам дека Македонија има капацитет да се развие театарот и да достигне големи светски успеси зашто ја има основата. Но тоа же зависи од политиката и буџетите“, истакна Ахмети.

Албанскиот театар од Скопје делува надвор од неговата матична сцена бидејќи театарската зграда се реновира. Актерите и останатите театарски работници очекуваат нов театар со нови техниќки перформанси каде што фанадазијата нема да биде скратена како досега заради техничката неопременост. Реновираниот објект треба да биде готов до септември 2015 година

Претставата ќе биде прикажана утревечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, таа содржи и брутални елементи, така што не се препорачува за публика помлада од 16 години.