Општина Охрид ги отфрла ставовите кои СДСМ ги пласира во јавноста

Во врска со соопштението од СДСМ, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Локалната самоуправа на градот Охрид и Градоначалникот во целост ги отфрлаат ставовите кои СДСМ денес ги пласира во јавноста, а во кои оваа партија се обидува да ги измами граѓаните дека во нивно време во Охрид се градела инфраструктура, а сите добро знаат дека се што наброиле дека го изградиле е со сомнителен квалитет и уште посомнителни износи на фактурите, кои власта од СДСМ никогаш не ги плати и градот го остави во милионски долгови, а органите на прогонот ја испитуваат веродостојноста на високите фактури за делата кои зад себе ги остави власта на СДСМ во Охрид.

Граѓаните точно знаат дека километри нови улици, тротоари, канализациони и водоводни системи, плочници, санирани и осветлени улици, потпорни ѕидови, одводни канали; десетици изградени детски игралишта и паркови; десетици реконструирани и опремени училишта, детски градинки, фискултурни сали, системи за греење; пет нови кружни раскрсници, сообраќајни сигнализации, велосипедски патеки, паркиралишта; целосно надградена и реконструирана Гимназија, целосно нова инфраструктура во руралните средини – сето тоа наводно беше правено и скоро во секој случај беше оставено не доправено, сомнително фактурирано по далеку повисоки цени од реалните, никогаш не платено или утужено и дадено на извршител бидејќи никогаш не беше платено од претходната локална власт на СДСМ, која градот го остави со над 34 милиони евра долгови, над 400 судски извршни решенија кои се наплатуваат преку извршители и на кои дневно се плаќа камата од 14 000 евра, како и над 500 судски спорови против Охрид кои ги водат доверителите и кои сигурно вртоглаво ќе го зголемат долгот.

Што се однесува за неиздржаните критики дека со кредит ќе се опремува ЈП „ОХРИДСКИ КОМУНАЛЕЦ“, Градоначалникот ги потсетува официјалните лица во СДСМ дека во нивно време ова јавно претпријатие се „доопремуваше“ со купени возила на старо, произведени во минатиот век, целосно амортизирани, а заради нивната старост за некои од нив повеќе во светот не се произведуваат ни резервни делови, па инвестициите во опрема од раководствата на СДСМ денес скапуваат на паркингот во претпријатието бидејќи не се оперативни.

Официјалните лица од СДСМ треба прво на народот да му објаснат зошто кривичните пријави против нивните кадри кои раководеа со општината станаа секојдневие и што правеле тие луѓе со градот, градскиот буџет и парите на граѓаните за да го остават Охрид во финансиска дупка од 34 милиони евра?“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.