Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Убиство“ полициската станица од Струга против З.С. (56) од Вевчани поднесе кривична пријава. Него одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
Пријавениот, кривичното дело го сторил на 13-ти овој месец, во 21 часот и 30 минути во летната бавча на кафетеријата „Пјаца“ во Вевчани. Откако се приближил од источната страна, З.С. извадил огненото оружје пиштол марка „Црвена застава“ калибар 7,65 милиметри што легално го поседувал и испукал седум куршуми кон една од масите каде седеле четири лица. Од здобиените повреди, во општата болница во Струга починале Владо П. (43) и Мате Ѓ.(23) двајцата од Вевчани додека со телесни повреди се здобиле две лица жители на Вевчани кои се надвор од животна опасност: Г.К. (33) кој има повреди во пределот на левата надлактица поради што е пренесен во специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид и Илија П.(29) кој поради три прострелни влезно-излезни рани во пределот на абдоменот е опериран во болницата во Струга.
Откако го напуштил угостителскиот објект, сега притворениот З.С. заминал во неговиот дом каде по кратко време е приведен и лишен од слобода. Во неговиот дом, полициските службеници го пронајдоа огненото оружје-пиштол кое сега приведениот З.С. легално го поседувал. Дополнително, при претресот пронајдени се 25 парчиња пиштолска муниција калибар 7,65 милиметри, 61 парче муниција калибар 7,64 милиметри и еден ловечки нож. Предметите се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.