Синоќа на малата сцена во центарот за култура актерите на Албанскиот театар од Скопје премиерно ја изведоа претставата „Предавање“ отсликувајќи го времето во кое живееме, со сите недостатоци и проблематики, со сите радости и таги.
Во претставата која содржеше и брутални елементи, и не се препорачуваше за публика помлада од 16 години Амернис Јовановска Нокшиќи, Џевдет Јашари, Луран Ахмети и Адем Карага ја донесоа сликата на едно време на различни човечки судбини. Црната комедија „Предавање“ преку карактерите, преку комичната реплика во една трагична ситуација, успева да третира и изнесе на површина комична ситуација на најтрагичен можен начин, имајќи го во себе вистинското емоционално доживување, така што кај публиката рефлектира не само забава туку и освестување.
Селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски, рече дека претставите на Албанскиот театар секогаш оставале печат на фестивалската програма.
„Албанскиот театар од Скопје, низ годиниве, остави лепеза театарски претстави и сновиденија што ќе останат во фестивалските анали, но и на театарот во Македонија воопшто. Овојпат со Мартин Мек Донах, еден од најизведувавните автори во светот, признаен и како автор, режисер, но и сценарост“, рече Јолевски.
Режисерот Ќендрим Ријани, за последниот драмски текст на Мек Донах рече дека е отсликување на реалноста присутна и на овие простори, со сите недостатоци и проблематики, сите радости и таги.
„Мек Донах преку овој авторски текст и четирите улоги во него одлично ја доловува суровата реалност на секојдневниот живот. Во претставата повеќе внимание му посветивме на драмскиот дел, наспроти комичноста во текстот“, вели Ријани.
Актерот Адем Карага за текстот на Мек Донах, како најновото продуцентско остварување на Албанскиот театар, вели дека ансамблот направил добра претстава, благодарение на младиот режисер Ќендрим Ријани и неговите искуства стекнати во Даблин и Прага.