По неколкугодишна пауза, Охрид повторно е домаќин на Фестивалот на вино и сирење. Свеченото отворање беше синоќа на плоштадот Чинар. Пред многубројните посетители во пријатна атмосфера фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Охрид ,Никола Бакрачески.
„Вкусовите и мирисот на сирењата кои ќе се понудат денес овде, постарите ќе ги вратат во времето на нивните баби и дедовци, кога сирењето се правело во домовите и во секој дом имало поинаков вкус, додека помладите генерации ќе имаат можност да ја пробаат ова здрава храна произведена на традиционален начин, таква како што се правела некогаш, а за наша среќа се’ уште се прави низ нашите бачила. Но тука секако нема да ги заобиколиме и нашите индустриски капацитети кои денес успеваат традицијата да ја спојат со модерната технологија и преку масовно производство успеваат да обезбедат присутност на традицијата на вкусовите од сирењата да стигнат на нашите трпези. Народот од секогаш сирењето го комбинирал со вино, кое пак го произведуваме од како постоиме, од антиката, па до денес. Традицијата да се прави и пие вино е длабоко вкоренета во секој дом и денес речиси секое семејство има бочва во која на есен се става грозје за на традиционален начин да се добие домашно вино. Ваквата традиција во модерното стопанство ја негуваат вино производителите кои денес нашите вина ги извезуваат низ целиот свет, во маркетите низ сите континенти“, рече синоќа Градоначалникот Бакрачески кој на присутните им даде докторски совет за добро здравје.
„Како доктор, кардиолог, не можам, а да не се осврнам на виното, сирењето и здравјето. Општо познато е дека црвеното вино е благодет за крвните садови и срцето, па ние докторите секогаш препорачуваме да се испие чаша црвено вино во текот на денот, тоа е најдобро да се направи со ручекот и тоа како што препорачуваат нутриционистите да се комбинира со сирење, за да се постигнат дополнителни ефекти за вашето здравје. Значи пред да го прогласам фестивалот за отворен, би рекол дека ова е Фестивал на виното, сирењето и здравјето,“ потенцира градоначалникот Бакрачески кој по отворањето на фестивалот заедно со своите сограѓани ги посети штандовите на производителите на сирење и вино кои на градоначалникот му раскажуваа за начинот на производство и колку се задоволни од продажбата на производите.
Инаку на фестивалот на сирење и вино годинава учествуваат 20 производители, дел од нив се традиционалните излагачи од југозападниот регион на земјава кои претходно учествувале на овој фестивал, а годинава за прв пат учествуваат и производители од Ресен и Корча- Република Албанија.
Возобновениот фестивал на вино и сирење во Охрид на задоволство на бројните посетители годинава започна со новини во начинот на излагање на производите , штандовите на специфичен и допадлив начин се поставени околу фонтаната на плоштадот. Манифестацијата која завршува вечерва има промотивен и комерцијален карактер односно по симболични цени бројните посетители може да купат добро вино и вкусно сирење. Целта на случувањето е промоција на виното и сирењето како специфични македонски производи. Паралелно со фестивалот на вино и сирење во Охрид се случува ревијата на олдтајмери што како манифестација се очекува да добие традиционален карактер.