Охрид деновиве беше домаќин на „Олдтајмери Ревија 2014“

Охрид, за прв пат беше домаќин на ревијална изложба на олдтајмери насловена како „Олдтајмер Ревија Охрид 2014“. Манифестацијата стартуваше во петокот со излагање на дел од олдтајмерите на плоштадот „Чинар“. Настанот продолжи и во текот на вчерашниот ден од пред Центарот за Култура „Григор Прличев“. Од тука беше ревијалното возење до месноста Св. Наум и до хотелот „Инекс Горица“.

Изложбата на 40 –те историски возила произведени до осумдесеттите години се одржа на три локации во градот, кај Чинарот, на шеталиштето и плоштадот Св. Климент Охридски.

На изложбата, најстариот автомобил беше од 1931 година, посетителите имаа можност да ги запознаат и олдтајмерите на екипите од соседните земји. Ревијата беше од меѓународен карактер, а учество зедоа екипи од Македонија, Бугарија и Србија.

Синоќа, кај шеталиштето пред ЦК „Григор Прличев“ учесниците на настанот ги поздрави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

„Кога ќе ги погледнеме овие возила и елеганцијата со која зрачат секако дека ќе не потсетат на убавината на Елизабет Тејлор и привлечноста на Мерлин Монро , или на гласот на неповторливата  Марлен Дитрих, но и на танцот на Џон Траволта како и  на жестокоста на Бони и Клајд. Секако дека и нашата домашна филмска магија ги има во кадар овие автомобили. Оваа глетка со автомобилите пред Палас неодоливо не потсети и на антологискиoт македонски филм „Мирно лето“. Овде мора да го спомнам и охриѓанецот Ѓоре Пирузе ! Тоа е човекот кој прв донел автомобил во Охрид , и тоа возило од марката Рено . Денес по улиците на нашите градови се возат помодерни, покомфорни , далеку поудобни и побрзи возила, од овие кои сега ги наркеуваат олд  тајмери. Какви возила ќе има во иднина можеме само да фантазираме. Но без разлика дали денешните возила кога ги возиме „спијат“ на асфалтот или идните возила можеби и нема да го допираат асфалтот, елеганцијата на олд тајмерите како и нивната уникатност ќе останат вечни.“– рече градоначалникот Бакрачески.

Манифестацијата се очекува во иднина да добие традиционален карактер, а ревијалното возење да прерасне во меѓународна трка на олдтајмери.

WebOhrid