Металург победник на меѓународниот турнир во Струга

Металург го задржа приматот на Струшкиот ракометен турнир, откако македонскиот првак славеше во финалето против Вардар со 25-19 и ја одбрани титулата освоена минатата година на ова престижно натпреварување. Лино Червар има причина за задоволство по овој турнир, не само поради одбранетиот пехар, туку и поради фактот дека докажа дека новите ангажирани ракометари ќе бидат значително засилување за следната сезона. Така, на мечот со Вардар „металурзите“ настапија без Станиќ, Миркуловски, Димовски, Мојсовски, додека Вугринец, Манасков и Георгиевски одиграа неполно полувреме, но и со така комбиниран состав Металург стигна до лесен триумф над вечниот ривал. На спротивната страна, „вардарци“ настапија со својот најсилен тим, во екипата се појавија Штербик, Горбок, Лацковиќ, како и сите лански ѕвезди, но очигледно е дека на тренерот Гонзалез ќе му биде потребно време за да ја воигра својата екипа.

Вардар го почна мечот со рано водство од 2-0, но потоа Металург се разбуди и влезе во својот препознатлив ритам, па со цврста одбрана го сврте резултатот во своја полза. Липовина постигна два гола за водство на актуелниот првак од 5-3, а со оглед на фактот дека „црвено-црните“ пет минути беа без постигнат погодок, тренерот Гонзалез реши да побара тајмаут за да ги консолидира редовите на својот тим. Коциќ му одбрани пенал на Брумен, пред Немања Прибак конечно да го прекине постот на својот тим и да намали на 6-4. Горбок веднаш по влегувањето во игра постигна два гола и намали на 7-6, а на почетокот од 21. минута дојде и до посериозен инцидент кога дуелот на Велко Маркоски и на Тоскиќ прерасна во мешаница меѓу повеќе ракометари н на двата тима. За среќа, страстите се смирија, а судиската двојка им покажа црвени картони на двајца иницијатори на инцидентот.

„Вардарци“ го утнаа и третиот пенал во низа (Дибиров, Брумен, па повторно Дибиров), а Червар побара тајмаут загрижен поради слабото функционирање на нападот на Металург. Советите на Хрватот вродија со плод, па неговиот тим заигра уште подобро и во 26. минута дојде до најубедливо водство од 10-6. Судиите продолжија со честите исклучувања на ракометарите на Вардар, „металурзите“ го искористија тоа за водство од 12-7, за по голот на Прибак на одмор да се замине со предност на Металург од 12-8.

Червар на стартот од вториот дел ги уфрли во игра Вугринец и голманот Митревски, додека Гонзалез на спротивната страна го повлече Штербик, ставајќи го на негово место Милиќ. Токму српскиот голман беше иницијатор на добрата игра во одбрана на „вардарци“ на стартот од вториот дел што придонесе овој тим да се врати во мечот (14-13). Циндриќ уште еднаш блесна откако во ситуација со двајца ракометари помалку украде една топка и од контранапад зголеми на 15-13, одржувајќи ја позитивата на својот тим.

Червар во меѓувреме го врати Коциќ на голот, а српскиот голман помогна предноста да се врати на „плус четири“ (17-13). Карачиќ со три пенали за момент го врати Вардар, но потоа на сцена стапи Коциќ, кој му одбрани два седмерци на Хрватот на „црвено-црните“, па Металург влезе во последните осум минути со водство од четири гола (21-17). Финишот беше само рутина, Вугринец ги превзеде работите во свои раце и со неколку погодоци ја осигура победата на својот тим, изразена со конечни шест гола разлика (25-19).

Вугринец со седум погодоци беше најефикасен кај Металург, пред Циндриќ со шест, додека Црногорците Липовина и Борозан постигнаа по четири гола. Одличен на голот на победничката екипа беше голманот Коциќ со пет одбранети пенали и вкупно 14 успешни интервенции, додека најпрецизен во таборот на „вардарци“ беше Карачиќ со шест постигнати гола.

Победничкиот пехар  на екипата на Металург  и го врачи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски додека  на второпалсираниот тим,Вардар пехарот му го додели директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.