На Славеј Планина, Општинскиот одбор на Сојузот на Борците од Охрид и Дебарца, и претставници на повеќе граѓански организации, здруженија и официјални лица, денес ја одбележаа 71-та година од создавањето на баталјонот „Мирче Ацев“, првата голема воена формација на Народноослободителната македонска војска, создадена на ослободената територија во Дебарца.
„Денес им се поклонуваме на нашите великани, на оние кои беспоштедно ги дадоа своите животи на татковинскиот браник, во светлината на создавањето на првиот македонски баталјон, МИРЧЕ АЦЕВ, пред 71 година. Во миговите на заборав на основните вредности и постулати на слободата на македонско тло, дозволете да се потсетиме, и истовремено, нашите потомци да ги научиме на значењето и на истрајната симболика на овој датум, кој го славиме и како ден на Армијата на Република Македонија. Формирањето на овој баталјон, беше резултат на создадените услови за тоа, бидејќи на подрачјето на Дебарца, Малесија, Копачијата и пошироко во земјава, веќе беа создадени услови да му се каже НЕ на окупаторскиот јарем“, – беше речено на денешната манифестација.
Потпретседателката на Главниот Одбор на Сојузот на Борците на Македонија, Верка Бунтеска, рече дека лицата кои на тој ден биле присутни на ова место, ја понеле целокупната одговорност за понатамошниот развој на настаните, во рамките на воените дејствија низ целата земја.
„Тие ја имаа честа да го носат името на бардот на македонската народноослободителна војна, Мирче Ацев, кој по ѕверското убиство од страна на непријателите, стана прв народен херој. По нив, се изродија и многу други баталјони, одреди и чети, кои и ја донесоа слободата на Македонија. Токму затоа, навистина ми е мило што и АРМ го зеде овој датум за свој ден“, – истакна таа.
Претседателот на Општинскиот Одбор на Сојузот на Борците – Охрид и Дебарца, Гоце Георгиески, се осврна и на историските моменти кои му претходеа на создавањето на баталјонот.
„На денешен ден во 1943 година, овде. на Славеј Планина, на оваа висорамнина северно од нас, непосредно пред буковата шума. се формира баталјонот МИРЧЕ АЦЕВ, како прва покрупна регуларна единица на македонската војска. Тогаш во Македонија, веќе беше разгорено Народноослободителното движење. Беше создадена слободна територија, и беа присутни повеќе партизански одреди. Понатаму, бројот на единиците на НОВ и ПОМ достигна 25 бригади, 7 дивизии и 3 корпуси, и на крајот на војната, Македонија создаде 110.000 организирана војска, која сама ја ослободи земјата, и со 25.000 борци учествуваше во составот на 15-тиот Корпус, до конечното ослободување на државата, со што го исполни својот долг кон сојузниците, и даде значаен придонес во победата над фашизмот“, – додаде тој.
Пред спомен обележјето на создавањето на регуларната воена единица, во 1943 година, цвеќе положија и се поклонија:
– Присутните борци од Народноослободителната и Антифашистичка Војна на Македонија;
– Делегација на Армијата на Република Македонија;
– Делегација на Општина Дебарца;
– Делегација на Општина Охрид;
– Делегација на Општинскиот Одбор на Сојузот на Борци – Охрид и Дебарца;
– Делегација на Градскиот Одбор на Сојузот на Борци – Скопје;
– Делегација на Општинскиот Одбор на Сојузот на Борци – Кичево;
– Делегација на Општинскиот Одбор на Сојузот на Борци – Струга;
– Претставници на Здружението на граѓани, почитувачи на ликот и делото на Јосип Броз – Тито, Охрид;
– Претставници на Здружението на граѓани, почитувачи на ликот и делото на Јосип Броз – Тито, Струга;
– Претставници на организацијата на ветерани и резервисти во одбраната на Република Македонија и
– Претставници на Месната Заедница од село Лактиње.