Охрид домаќин на првиот пијано фестивал

Со пијано концерт на истакнатиот германски пијанист и професор Клаус Шилде синоќа во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид започна фестивалот „Piano Summer Ohrid“, што годинава за прв пат се одржува во градов.
Фестивалот за отворен го прогласи Претседателката на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњановска.

„Верувам дека и раѓањето на овој фестивал, ќе придонесе кон збогатувањето на нашата духовна ризница и уште повеќе Охрид ќе го отвори кон светот и предизвиците кои ги носи иднината. Ве уверувам дека градот Охрид ќе стори се Вашата хумана и космополитетска идеја да трае и да се збогатува и по форма и по содржина , во годините и десетолетијата кои се пред нас. Убеден сум дека Охрид и охриѓани ќе ве пленат со својот шарм, а дека публиката и учесниците ќе имаат незаборавни моменти во Вашите уметнички перформанс. Ви посакувам успешен фестивал и пријатен престој во Охрид,“-истакна Коњановска.

piano_festival_400_cr

Покрај едукативните часови, во рамки на фестивалот кој ќе трае до 27 август, секој ден ќе бидат организирани и вечерни концерти, на кои ќе настапуваат учесниците на академијата. Концертите ќе се одржуваат во Големата сала на општина Охрид и на отворено во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“ . Во рамки на фестивалот секој ден во просториите на Музичкото училиште „Методи Патче“ ќе се одржува и Меѓународна летна академија за пијано која ќе биде под водство на професорот Шилде.

Вистинско доживување за љубителите на убавата музика ќе биде пијано маратонот кој ќе се одржи на 24-ти август на отворено, во центарот на градов. Организатор на првиот пијано фестивал во Охрид е здружението „Клавирско лето“ од Битола со поддршка на општина Охрид.