Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на САД во Република Македонија ,Пол Волерс.
Почесниот гостин интересирајќи се за актуелните состојби и случувања во Охрид, истакна дека градов е еден од најубавите во светски рамки во кои престојувал досега и дека повторно и секогаш би се враќал тука. За него и неговото семејство убавата клима, езерото и културно- историските споменици секогаш го прават посебен Охрид и токму затоа тоа е местото на кое ги повикувале да престојуваат и своите пријатели.
Притоа градоначалникот Бакрачески и амбасадорот Волерс се сложија дека на Охрид му недостига по агресивна маркетиншка кампања , всушност она за што консултанти од Универзитетот од Пенсилванија му укажале на градоначалникот Бакрачески , дека на Охрид не му недостига ништо освен поагресивна маркетиншка кампања.
Градоначалникот Бакрачески го запозна амбасадорот Волерс со бројот на холандските туристи кои последниве години се враќаат на ривиерава а кои доаѓаат организирано со 5 до 9 чартер летови, како и тоа дека е зголемен бројот на туристи од Турција , но и од Полска и од земјите на Бенелукс.
Амбасадорот пројави интерес и околу финансиската кондиција на Општина Охрид и долговите кои генерално му беа познати за што повеќе детали доби од градоначалникот околу наследениот долг, колку буџети треба да се вратат како и тоа дека дневната камата по основ на долгови е околу 14 500 евра.
Во делот на индустрискиот развој на Охрид стана збор за новата индустриска зона кај “Мауцхер“ што се гради со буџетски средства од Општина Охрид. Градоначалникот укажа и на тоа дека Општината остварила контакти со канадска компанија од сферата на компјутерската индустрија како и тоа дека во финална фаза е подготовката на документацијата околу нивната инвестиција.
Амбасадорот на заминување, Пол Волерс вети дека и понатака ќе биде чест гостин на Охрид.