Започна 53-то издание на Струшките вечери на поезијата

Со традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга, синоќа почнаа 53-те Струшки вечери на поезијата.

Струшките вечери за отворени ги прогласи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, според која, поезијата не е само песна на рајот, таа е песна и на земјата.

030_Struski_veceri_otvoranje

„Иако ова место толку ја сака поезијата и копнее по неа, тоа не е случајно. Името на Македонија е многу славно и распространето во историјата. Поезијата тука постоела, ќе постои и нема да исчезне“. – рече Канческа-Милевска.

Таа потенцираше дека Струшките поетски вечери сведочат за културните вредности што се создаваат на македонските простори и на светските меридијани и се динамична и жива антологија на светската поезија.

„Слободно можеме да забележиме дека оваа манифестација има глобално значење, таа е верификувана од целата светска културна јавност. Континуирано, веќе педесет и три години, поетите од целиот свет, од овде, од Струга ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, Струшките вечери на поезијата ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и почитуваме“. – рече министерката за култура.

Во изминатиот период, забележа таа, Струшките вечери на поезијата ги овенчаа најзначајните поети на 20 и 21 век, како: Неруда, Бродски, Ружевич, Гинзберг, Амихај, Дарвиш, Хјуз, а за некои автори токму Златниот венец беше вовед кон најголемото светско книжевно признание – Нобеловата награда за литература.

029_Struski_veceri_otvoranje

Министерката Канческа-Милевска изрази задоволство што престижното признание лауреат на Струшките вечери на поезијата му припадна на големиот Ко Ун, за кој струшкиот венценосец Ален Гинзберг запиша: „Ко Ун е грандиозен поет, комбинација од будистичка маестралност, страстен политички либерал и историчен натуралист“.

„Овој поет, кој преживеа многу лични и универзални битки, денеска е светски гласник на корејскиот дух и култура или како што вели Сер Ендрју Моушн, најелоквентен граѓанин на светот. За нас е голема чест што Ко Ун е со нас и што Република Македонија, како што забележа, ќе биде негов поттик да создаде уште многу нови стихови во кои ќе има многу слики и пејзажи од Македонија“. – рече Канческа-Милевска.

Веќе пет децении, нагласи таа, познатата песна „Т’га за југ“ на корифејот на македонската уметничка поезија Константин Миладинов е светска химна за топлината внатре, во духот на човекот и различните цивилизации.

„Затоа на крајот ќе посакам заеднички да доживееме уште многу успешни изданија на меѓународната манифестација Струшки вечери на поезијата. Министерството за култура како досега, така и во иднина, со поддршка на Владата на Република Македонија, ќе продолжи да ги промовира универзалните цивилизациски и културни вредности, ќе останеме доследни на заложбите заеднички да ги прославуваме неодминливите успеси на овој фестивал со космополитски и универзален концепт, да градиме нераскинливи културни врски меѓу нас, да ја негуваме традицијата на обединување на светот низ поетскиот збор“. – истакна Канческа–Милевска.

020_Struski_veceri_otvoranje

На прес-конференција, поетот Ко Ун ја окарактеризира Македонија како држава на поезијата. Поврзаноста на земјата со поезијата ја пронајде во страдањата на земјата уште од праисторискиот период.

Струга, како што нагласи тој, не е само родно место на браќата Константин и Димитар Миладинови, туку е утопијата за која човештвото се насочува и се надева. Заедно со поетите од целиот свет, кои присуствуваат на СВП, подвлече дека ќе ја празнуваат поезијата во Струга.

По свеченото отворање во предворјето на Домот на поезијата, почна меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

Според традицијата, лауреатот засади дрвце во Паркот на поезијата, кое, како што нагласи директорот на фестивалот Мите Стефоски, долго ќе живее, а ќе продолжат да живеат и неговите цветови создадени меѓу кориците на книгата поезија преведена на македонски јазик, коишто уште долго време ќе имаат влијание во македонската литература.

024a__640x400_Struski_veceri_otvoranje

На фестивалската програма се предвидени музичко-поетски перформанс, традиционалните „Ноќи без интерпункција“, симпозиум на тема „Поезијата и политичкото“, а е предвидено и меѓународно поетско читање „Матине“ кое ќе се одржи во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“ во Калишта.

Според програмата, ќе биде промовирано списанието „СУМ“, посветено на Струшките вечери на поезијата и проекцијата Поетски времеплов на МРТВ. На програмата е и омаж на македонските поети Ацо Караманов, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски и починатите лауреати на СВП Шејмас Хини, Тадеуш Ружевич, Васко Граса Моура и Хосе Емилио Пачеко, како и вечер на македонската поезија, односно поетски портрети на македонските поети Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Влада Урошевиќ.

Ко Ун е 49-тиот добитник на признанието „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, кое ќе му биде врачено в недела на поетското читање „Мостови“.