Осумдесетгодишен пар имал проблеми со помнењето, па одлучиле да одат кај доктор, да проверат да не е нешто сериозно. Стигнале кај докторот, му објасниле за проблемите, како се почесто забораваат и не се сеќаваат на работите кои што треба да ги направат. Тој ги прегледал и им објаснил дека се физички здрави, но најдобро би било да ги запишуваат работите што треба да ги прават, во случај да заборават. Парот му се заблагодарил на докторот и си заминал.
Попладнето, си седеле пред телевизорот, па стариот станал да оди некаде.
– Каде ќе одиш? – го прашала жената.
– Во кујна! – одговорил мажот.
– Ќе ми донесеш ли сладолед?
– Секако!
– Не мислиш дека треба тоа да го запишеш, како што не советуваше докторот? – прашала жената.
– Нема потреба, нема да заборавам! – одговорил мажот.
– Ај стави и јагоди! Сигурно ќе заборавиш, дај запиши!
– Нема да заборавам. Запамтив, сладолед и јагоди!
– Да, ама сакам и шлаг врз нив. Дај запиши да не заборавиш!
– Не морам никаде да запишувам! Барем толку можам да запамтам! – налутен викнал мажот и отишол во кујната.
По 20 минути ете го се враќа. Во раката носи чинија, а во чинијата две јајца со шунка. Жената го гледа, гледа во чинијата и му вика:
– Заборави да ми донесеш леб!!!