Во сабота ќе се одржи „Охридска софра 2014“

На 30-ти август (сабота) кај манастирот „Пресвета Богородица“ во селото Скребатно ќе се одржи традиционалната туристичко- промотивна манифестација „ Охридска софра 2014“ .

Целта на манифестацијата е да се промовираат традиционалните јадења од охридскиот регион, при што централно место ќе има натпреварот во подготвување ѓомлезе, како еден од највкусните специјалитети.

За натпреварот се пријавени 25 учесници , а наградниот фонд е 20 илјади денари. 10 000 денари за прво наградената, 6 000 денари за второ и 4 000 денари за трето наградената жена која ќе приготвува ѓомлезе. Подготовката на ѓомлезето ќе започне пред девет часот, а посебна жири- комисија по два и пол часа ќе го дегустира подготвеното ѓомлезе и ќе ги соопшти победниците.

Оваа година Општина Охрид ги откупува сите приготвени ѓомлезиња и сите ќе се дадат на црковниот одбор од манастирот “Пресвета Богородица“кој понатаму истите ќе си ги продава, односно парите ќе одат за црквата. Тоа е како еден вид меѓусебна соработка за она што тие како црковен одбор ни излегуваат во пресрет на организација на настанот. Годинава дел од манифестацијата ќе биде емисијата “Вкусот на традицијата“ во која Адријана Алачки и охридскиот градоначалник Никола Бакрачески ќе приготвуваат охридски специјалитет“, вели Ѓоко Апостолоски од Секторот за туризам и локален економски развој.

ohridska_sofra_4002

На „ Охридска софра“ , која официјално започнува во 10 часот во сабота, на посебни штандови ќе бидат презентирани мед, сирење, градинарски култури и други домашни производи, а студентите од Факултетот за туризам и угостителство ќе приготвуваат традиционални јадења од охридскиот регион. Во забавниот дел двочасовен концерт ќе има групата „ Chalgia Sound System“ .

За заинтересираните граѓани , организиран е бесплатен превоз од Лескоец до Скребатно во 9 и 10 часот , со враќање по завршувањето на манифестација „Охридска софра“

Ваквите промотивни манифестации, посебен интерес предизвикуваат кај странските туристи. Токму затоа покрај претставниците на угостителско- туристичкиот еснаф и граѓаните , во сабота, во Скребатно се очекуваат и поголем број гости од странство кои престојуваат во Охрид.

Организатори на оваа традиционална манифестација се општина Охрид со поддршка на Министерството за култура, како дел од проектот „Топол културен бран“ и бројни спонзори и помагатели.