За електронско склучување на анекс на договор со здравствените установи од дејноста општа медицина, гинекологија и општа стоматологија

На Управниот одбор на Фондот се усвои анекс на договор со давателите на здравствени услуги од дејноста општа медицина (1524), гинекологија (137) и стоматологија (1136). Со новиот анекс договор е овозможено во случај кога избраниот лекар користи породилно отсуство, Фондот да не го раскинува еднострано договорот, ако не е вработен лекар замена по истекот на 35 дена, но најмногу до 270 дена од настанување на случајот. Како доказ, здравствената установатреба да приложи копија од два пати неуспешно објавен оглас за вработување на лекар од АВРМ. До вработувањето на новиот лекар (замена) се затвара факсимилот на лекарот и не се исплатува капитација. 

Исто така со новиот анекс договор за општа медицина, направена е измена во членот 15, каде се регулира режимот на препишување на лекови од страна на матичните лекари, за листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, наместо досегашните 330 денари по поен, со новиот договор покачена е границата на најмногу 400 денари по поен годишно. Тоа значи дека матичниот лекар, може на товар на средствата на Фондот, на осигурените лица кои го избрале, да им пропишува лекови на рецепт со режим на пропишување “R“, како и лекови од групата на анксиолитици со режим на пропишување “R“ и антибиотици со режим на пропишување “R“, “RS“, “RSS“.

Значи, матичниот лекар ќе може од сегада пропишува одредени лекови самиот, и наместо како до сега, да добива 330 денари по поен, од сега ќе добива 400 денари по поен. Оваа измена е направена поради зголемување на бројот на лекови кои може да ги пропише матичниот лекар, наместо истите да ги препорачуваат специјалистите, односно субспецијалистите. Измената се должи и на досегашните анализи на лековите пропишани од матичен лекар на рецепт што Фондот ги направи, како и на барањата од Здружението на приватни лекари од примарна здравствена заштита поради возрасната структура на осигурениците кои извршиле кај нив избор.

За 8 лекови по генерики со фармацевтска дозажна форма, односно кај околу 70 лекови по заштитено име извршена е измена во делот на режимот на пропишување (објавени во Сл. Весник на Рм бр. 47/2014 I 98/2014), односно со измената, овие лекови за кои досега била потребна препорака од специјалист, односно субспецијалист, отсега ќе може да ги пропишува матичниот лекар самостојно (табела подолу).

Ред.бр. АТЦ код Генеричко име-INN ДДД и единица мерка Начин на примена Фармацевтска дозажна форма Јачина Нов режим на пропишување 1 A02BC02 Pantoprazole 40 mg O таблети СРЈ R 2 C01DA02 Glyceryl trinitrate 2,5 mg SL сублингвален спреј СРЈ R 3 C07AB07 Bisoprolol** 10 mg O таблети СРЈ R

*Индикации: Хронична срцева слабост, хипертензија и ангина пекторис 4 J01FA09 Clarithromycin 0,5 g O
таблети/ капсули/таблети со модифицирано ослободување СРЈ R 5 J01FA09 Clarithromycin 0,5 g O суспензија СРЈ R 6 J01FA10 Azithromycin 0,3 g O таблети/ капсули СРЈ R 7 J01FA10 Azithromycin 0,3 g O суспензија СРЈ R 8 N07CA02 Cinnarizine 90 mg O таблети СРЈ R

Анексите на договорите Фондот ќе ги склучува со здравствените установи во електронска форма преку користење на електронскиот потпис со валиден дигитален сертификат од електронската картичка за здравствено осигурување (ЕЗК). Потпишувањето на анексите на договорите ќе се врши преку порталот на Фондот на истиот начин на кој електронски се потпишуваа и договорите за 2014 година.

Анексите на договорите за општа медицина, гинекологија и општа стоматологија, со кои е дадено правото на избраниот лекар, кој користи породилно боледувања 270 дена да не вработи лекар замена, стапува во сила од 01.09.2014 година. Анексот на договорот за општа медицина каде е направена измена во членот 15, стапува во сила од 01.10.2014 година.