Заврши петтата по ред Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Со предавањето на надвојводата Карл Фон Хабсбург, член на династијата Хабсург и поранешен австриски европратеник вчера заврши петтата по ред Школа за млади лидери, што од 19 до 28 август се одржа во Охрид, по иницијатива на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

На годинешната Школа учествуваа вкупно 38 учесници, како и 21 предавач од Македонија, Европa, САД, Канада и Кина.

Идејата на Школата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности.

Последниот дел од Школата, координаторот на проектот, д-р Гордица Каранфиловска изјави дека лидерството носи одговорност, а според неа одлуките што ги носиме денес имаат влијание врз утрешниот ден.

„Доколку не ги подготвиме младите лидери денес, не можеме да очекуваме добри резултати во иднина. Со оваа идеја на претседателот Иванов за организирање Школа за млади лидери, ние веќе петта година по ред инвестираме во младите, со цел да им пренесеме искуства што ќе им користат во животот и професионалниот ангажман во иднина”, рече Каранфиловска.

Програмата опфаќа предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични лидерски вежби.

Фон Хабсбург од своја страна укажа на огромната едукативна вредност што ваквите академии ја имаат во насока на професионалната дообразба на младите луѓе.

shkola2808.02

„Не смееме да заборавиме дека особено за младите луѓе кои имаат амбиции да бидат идни лидери и високо да котираат во секоја сфера од бизнис-заедницата и општественото живеење, мора да ги развиваат и посебните умеења и вештини во секојдневното комуницирање. Младите мора да бидат свесни за опкружувањето во поширока смисла, за потребата да бидат чекор напред пред другите кога станува збор за нивниот поглед на светот настрана на професионалната наобразба. Оттаму сметам дека академија што дава можности на младите лидери филозофски да ги поимаат и разбираат нештата надвор од рамките на нивниот професионален ангажман е од огромна важност за живот во еден глобализиран свет во кој живееме денес”, нагласи тој.

Целта на оваа школа е, пред сè, да се стимулираат позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја.

Олимпија Христова-Заевска е една од 38-те млади лидери што беа дел од Школата, која е дел од иницијатива осмислена да ги поттикнува младите луѓе да излезат надвор од секојдневната вообичаена шема и да се издигнат над она што го гледаат во своето секојдневние.

„Ова беше инспиративна можност за младите да бараат начини како да го променат секојдневието, да ги поместат границите и активно да влијаат за донесување промени. Мислам дека целта е постигната, оттаму што со понудените извонредни предавачи од различни области, бевме испровоцирани да размислуваме какви лидери сакаме да бидеме, што значи промената внатре во себе и надвор во општеството“, рече Христова-Заевска.

„Се надевам дека со собраното искуство од Школата што ни го пренесоа предавачите ќе помогнеме Македонија да биде едно поубаво место. Иницијативата на претседателот Иванов е навистина нешто прекрасно”, изјави Горан Велковски, учесник на Школата.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери беа и поранешниот српски претседател, Борис Тадиќ, канадскиот сенатор, Доналд Мередит, потпретседателот на кинескиот телекомуникациски гигант ZTE, Ксиао Минг, основачот на Пи Ворлд, Коста Петров, директорот на компанијата за јавни комуникации Расел од САД, Џејсон Мико, поранешниот приватен секретар на принцезата Дијана, Патрик Џефсон, асистентот на поранешниот американски претседател Роналд Реган, Мери Џо Џејкоби, директорот на Мултимод групацијата, Тафшир Авал, правникот Мухамед Мешиќ од БиХ, познат по своето познавање на над 70 светски јазици.

За време на петтата Школа за млади лидери, учесниците ги посетија општините Охрид, Вевчани и Ресен, каде од претставници на локалните самоуправи им беа преставени предизвиците со кои се соочуваат овие три општини. Младите лидери, во форма на предлог-проекти, понудија решенија за нивно надминување.

Исто така, учесниците на Школата го посетија и Геријатриското одделение при охридската Општа болница, каде донираа храна и средства за лична хигиена за старите лица сместени во оваа установа.

Вкупно, во изминатите пет години на Школата учествуваа околу 190 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои амбасадори, функционери од Европската Унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании, професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.

shkola2808.03