Започна новата учебна година – највозбудени првачињата

За околу 280.000 основци и средношколци денеска започна новата 2014/2015 година. За прв пат на училиште тргнаа и 20.000 првачиња. Илјада и сто ученици во Основното училиште „Григор Прличев“ седнаа во училишните клупи. Учебната година во ова училиште со возбуда ја дочекаа 129 првоодделенчиња.

„Ние во нашето училиште имаме 1 100 ученици, од кои ќе учат во две смени во централното училиште и во подрачното училиште Рача. Во подрачното училиште Рача имаме 103 и овде имаме 994. Првачиња вкупно заедно се 129, овде во „Григор Причев“ се 112, а во Рача се 17 првачиња. Оваа година имаме прилично зголемен број, кај првачињата во Рача.“- изјави за WebOhrid, директорката на ОУ „Григор Прличев“, Силвија Мојсовска.

Откако првачињата се запознаа со учителката, нивниот прв час започна со миење раце- превентивна мерка за заштита од епидемијата на жолтица која се појави во неколку општини.

На секое дете-прваче од страна на учителката им беше доделен балон, а потоа сите деца, заедно со својата учителка се упатија во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ каде што и годинава се одржа свечена приредба. За првачињата беше организирана програма на која настапија повозрасни ученици со рецитали, музички точки од ова училиште. На приредбата се обрати директорката на ОУ „Григор Прличев“, Силвија Мојсовска.

„Од овде започнува бајката „Училиште“, која заедно ќе ја создаваме, со весели и детски игри, волшебни букви, среќни броеви и сето тоа споено со бојата на виножитото. Со оваа бајка ќе го красите вашето живеењеи секогаш ќе се потсетувате на неа. Затоа дозволете да ви ја направиме незаборавна , од денес и ние сме ваши родители. Направете место и за нашата љубов и несебично ќе ви ја даваме, а со вашите родители заедно ќе бидиме сведоци на тие убави моменти.“– истакна Мојсовска и додаде:

„Денес со задоволство ја започнуваме новата учебна година , со тоа е заслужна Општина Охрид, а посебно градоначалникот Никола Бакрачески, кој  ни овозможи целосно да го промениме ликот на внатрешниот простор на нашето училиште. Изронетите и исчуканите ѕидови се веќе минато, а свежите бои и топли се сегашност. Просторот се оплемени, уреди, и доби топлина која ќе им овозможи на учениците пријатен престој во училиштето“- рече Мојсовска.

Среќно првачиња!

WebOhrid