Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Р.Македонија во соработка со проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Интернационалната Асоцијација за Активен Туризам (Adventure Travel Trade Association – ATTA) организираа „Недела на авантури – Западен Балкан“.
Група од 26 интернационални медиуми и туроператори на 31-ви август (недела) 2014, на граничниот премин Св. Наум беа пречекани од Кристијан Џамбазовски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. По преминувањето на границата групата и директорот Џамбазовски патуваа на велосипеди до манастирот Св. Наум. Во текот на наредните четири дена медиумите и туроператорите ќе патнуваат низ земјата за да се запознаат со локалната туристичка понуда и воспостават контакт со туристичките работници од Македонија кои во иднина ќе им помогнат да се золеми бројот на странски туристи во земјава. Македонија е следна земја која групата ќе ја посети (после Косово и Албанија) како дел од двонеделната тура „Недела на авантури – Западен Балкан“ (AdventureWeek Western Balkans).
Турата има за цел да го поврзе домашниот пазар за активен туризам на Македонија, Косово, и Албанија со туроператори од Северна Америка и Западна Европа, со цел привлекување на поголем број странски туристи.
Дел од учесниците во турата се: главниот уредник на National Geographic Traveler, Кит Белоус (Keith Bellows), уредничката на Yahoo Travel, Џо Пиаза (Jo Piazza) и уредничката за југоисточна и источна Европа на Lonely Planet, Брана Владисављевич (Brana Vladisavljevic).
Од 31-ви август до 4-ти септември групата ќе ги посети Св. Наум, Охрид, Галичица, Преспа, Хераклеа, Дихово, Трескавец, Крушево, Маврово и Скопје. На 4-ти септември учесниците ќе имаат шанса да ги посетат и дел од останатите предели на Македонија, како локалитетот Кокино, Стоби и тиквешкиот регион.
Покрај природните убавини на Македонија, групата ќе ужива во традиционална македонска музика, храна и култура, но и ќе учествува во спортски активности како тандем параглајдинг, велосипедизам, искачување по карпи и планинарење.