Претседателот Иванов на средба со претседателот на Арапската Република Египет, Абдел Фатах Ал–Сиси

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Каиро оствари средба со претседателот на Арапската Република Египет, г. Абдел Фатах Ал–Сиси.

Односите меѓу Република Македонија и Арапската Република Египет се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување, беше заедничка констатација на денешната средба на двајцата претседатели.

На средбата беа разменети информации за изворот на закани од регионалните конфликти на Блискиот Исток и Северна Африка и последиците со кои се соочуваат државите во непосредното опкружување.

Двајцата претседатели разговараа за воспоставената соработка меѓу разузнавањето и безбедносните служби на двете држави со потреба од градење на заеднички капацитети за одговор во борбата против тероризмот, намалување на ризиците од илегалната миграција, електронското војување и сајбер одбраната.

Во тој контекст, претседателите се согласија и за отпочнување на меѓуармиска соработка за размена на искуства и трансфер на знаење во меѓународни мировни мисии, користење на логистички капацитети и едукација на кадар за примена на напредни технологии.

Македонскиот претседател изрази благодарност до египетскиот претседател за поддршката и помошта којашто Македонија ја добива од Египет во областа на разузнавањето, истакнувајќи дека Египет како земја лидер и гарант на стабилноста во регионот на Северна Африка е важен пријател и партнер на Македонија, и дека тоа пријателство и партнерство ќе продолжи и во иднина.

Двајцата претседатели разговараа и за унапредување на правната рамка на двете држави, економско – трговската размена, и соработката во областа на културата и на туризмот.