Општина: Новата власт во Охрид прави максимални напори да ги санира катастрофалните состојби кои ги стекна

Општина Охрид испрати реакција, во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид. Во реакцијата се вели:

Општина Охрид како целосно не аргументирано и насочено кон манипулирање на јавноста, а со цел стекнување на политички поени, ги отфрла ставовите изнесени во денешното соопштение на СДСМ , во кое од оваа партија повторно манипулираат со јавноста и на веќе добро проверениот начин, медиумските манипулатори од партијата да прават безуспешен обид за дезавуирање на власта.

Како што веќе соопштивме во текот на вчерашниот ден дека општина Охрид до Министерството за образование веќе има поднесено барање за ново финансирање односно вработување на нов наставен кадар со цел да се формираат две чисти паралелки во подрачното училиште во село Коњско . Но, поради малиот број на ученици многу е мала веројатноста од ресорното министерство позитивно да одговорат на ова барање затоа што во училиштето нема законски минимален број на ученици за формирање на чиста паралелка. Ако законот налага формирање на чиста паралелка со минимум 24 односно максимум 35 деца, во ова училиште вкупниот број ученици од прво до петто одделение е 35 ученика.

Токму затоа поради малиот број на ученици и со цел да се работи согласно пропишаните закони наставата се следи во две комбинирани паралелки. Во едната паралелка наставата ја следат деца од прво , второ и трето одделение чиј број изнесува само 19 а во втората комбинирана има само 16 деца кои следат наставна програма од четврто и петто одделение.

Доколку СДСМ во годините кога беше на власт не оставеше зад себе пустош во образованието во Охрид, денес не ќе имаше што да пишува во соопштението, во кое ако се погледне подобро, веднаш станува јасно дека се критикуваат последиците од владеењето на СДСМ во Охрид, и катастрофалните состојби кои ги остави во сите области , па и во образованието.

Дали во СДСМ знаат за долговите за потрошена електрична енергија кои ги оставија и дали знаат колкави се тие?

Дали знаат колку судски спорови против училиштата течат во моментов, или се со извршни пресуди по чиј основ некои училишта се со блокирани сметки во астрономски износи, кои не можат да ги подмират генерации по нив, а сето тоа како последица на не плаќање на обврски во време кога со Охрид владееше СДСМ?

Што се однесува до ставот околу се помалиот број на првачиња и родени деца во Охрид, Локалната власт оценува дека нема потреба да се коментира истиот, бидејќи целото население на Охрид, знае во кој период народот од Охрид почна масовно да се иселува, кој ја спроведе приватизацијата на фабриките во градот од кои не остана ни еден индустриски капацитет, народот точно знае кои пет фамилии од СДСМ ги вработија сите свои родини, па не остана место за ни еден професионалец да си најде работно место во Охрид и точно се знае дека во годините кога со Охрид владееше СДСМ во градот се преполови населението.

Затоа што народот сето ова добро го знае, СДСМ е таму каде што е, а новата власт во Охрид прави максимални напори да ги санира катастрофалните состојби кои ги стекна, како во останатите сфери, така и во образованието.“ – стои во реакцијата на општина Охрид.