Претставници на повеќе кинески компании заинтересирани за изградба на инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура и на Кинеската меѓународна асоцијација за градежништво се сретнаа со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
На средбата се разменети мислења и информации за поголем број инфраструктурни проекти и опциите и перспективите за нивна понатамошна имплементација, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Министерот Јанакиески ги потенцирал добрите политички односи, како силна гаранција за промоција на билатералната економска и трговска соработка. Укажал дека Македонија е подготвена да ги искористи сите отворени можности за понатамошна соработката во областа на патната инфраструктурата, железницата, енергетиката, и во други области и стратешки гранки на македонското стопанство.
„Имајќи ги во предвид стратешките определби на Кина кои се повеќе се насочени кон Европа, а Македонија се наоѓа на трговската патека, на логистичката патека на стока која доаѓа од Кина кон Европа, нашиот интерес е очигледен за сите круцијални проекти кои се поддржани од страна на заинтересираните кинески компании“, потенцирал министерот Јанакиески.
Чангај од своја страна посочил на досегашната добра соработка помеѓу македонските институции со кинеските компании коишто веќе се присутни во Македонија со намера тоа да продолжи и во следниот период.
На средбата е потенцирано дека Република Македонија е прв корисник на финансиските средства од пакетот- алоцирање на 10 милијарди долари како поддршка на интенциите на Народна Република Кина за зајакнување на економската соработка со земјите од Централна и Југоисточна Европа.
„Исто така, министерот Јанкиески, потенцираше дека Република Македонија ги поддржува сите мерки и проекти со кои ќе се овозможи подобар и побрз економски развој и сме подготвени како држава да бидеме најсигурен партнер на Кина од овој регион, а потврда за тоа се кинеските компании кои се веќе во Македонија, кои почнаа на терен да ги градат двата автопати „Гоце Делчев” од Миладиновци до Штип и „Мајка Тереза” од Кичево до Охрид, како и набавката на новите патнички гарнитури и новите 202 автобуси произведени од страна на кинеска компанија“, се вели во соопштението.
Министерот за транспорт посочил дека сите се добредојдени да инвестираат во Македонија.
„Нашата цел е во иднина да продолжиме со промовирање и јакнење на можностите за инвестирање, да бидеме целосно отворени за кинеските компании и на тој начин да го привлечеме и интензивираме максимално продуктивниот дух на стопанската соработка меѓу двете земји и во Кина целосно гледаме моќна економска држава која има големо учество во диктирање на економските текови на светско ниво“, посочил на средбата министерот Јанакиески.