Денес навршуваат пет години од најголемата бродска несреќа во историјата на Охридското Езеро во која животот го загубија 15 бугарски туристи.
По тој повод делегација на Општина Охрид, претставници од Бугарскиот конзулат во Македонија со седиште во Битола, членови од Ротари клубот „Пирдоп“ од Бугарија како и претставници од Здружението „5-ти септември“ и од охридската Капетанија, положија цвеќе пред спомен-плочата на жртвите на градскиот кеј во Охрид.
„Денес, како и секоја година го одбележуваме овој ден во знак на почит кон сите настрадани во бродската несреќа за која најискрено жалиме. После оваа бродска несреќа се случија крупни промени во регулирање на бродскиот и езерскиот сообраќај во Охридското Езеро. Безбедноста и на пловните објекти и на сите учесници во езерскиот сообраќај е значително зголемена. Оваа година не беше регистриран ни еден случај на нарушување на водниот сообраќај во Охридското Езеро, ниту пак каква било несреќа или инцидент“, – потенцира градоначалникот Никола Бакрачески и посочи дека веќе е разговарано и со официјални претставници на Република Македонија, во спомен на загинатите кај авто-кампот Елешец во чија близина се случи несреќата да биде погинато соодветно спомен- обележје.
„Во иднина, со официјалните претставници на Република Бугарија имаме намера да изградиме адекватно спомен- обележје. Веројатно тоа ќе биде местото каде што се случи бродската несреќа. Засега немаме поставено рокови, но имавме контакти и со Конзулатот и со невладини организации од Бугарија кои навистина сакаат достојно да го одбележат местото каде што се случи оваа бродска несреќа. Засега има само иницијативи и планови како тоа треба да се направи, а дефинитивно решение, се надевам дека брзо ќе биде донесено и конечно ќе се постави адекватно спомен-обележје на место во чија близина се случи бродската несреќа“, – додаде Бакрачески.
Според бугарскиот конзул во Република Македонија, Чавдар Младенов, болката и сеќавањето за настраданите во бродската несреќа се се’ уште свежи и длабоки.
„Утринава пред да дојдам овде во Охрид, следев програма на една од бугарските телевизии. На тој ТВ канал се емитуваше репортажа за трагичниот настан пред пет години. Ги слушав изјавите на дел од спасителите, на еден човек , Македонец на возраст од шеесеттина години. Тој плачеше и раскажуваше дека спасувајќи ги бугарските туристи под водата видел двајца сопружници кои се држеле за раце. Тоа е љубов. Мене многу ми беше тешко кога го гледав тоа, а и сега ми е тешко. Ние сме тука за да си помагаме и да живееме заедно. Трагедијата и маката се големи“, – изјави за медиумите бугарскиот конзул, Младенов.
Бродската несреќа се случи на 5- ти септември 2009 година во 10:35 часот на околу 200 метри од брегот во близина на плажата Елешец, кога потона бродот „Илинден“. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи, но благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ и други храбри граѓани, беа спасени останатите 38 туристи од Бугарија кои се превезуваа со бродот.
Настанот имаше и судска разврска. Капетанот Сотир Филески, кој го жртвуваше својот живот во битката да спаси што поголем број патници, беше осуден на една година затвор. Затворска казна за несовесна оценка на техничката исправност на бродот доби и Бранко Баиќ, претставникот на германската осигурителна компанија ЛОЈД.
Од 5 септември 2009 година до денес преземени се низа мерки и активности со кои е подигната безбедноста во водениот сообраќај.
Бродот „Илинден“ е изграден во далечната 1924 година, од потонувањето до денес стои во каналот „Студенчишта”, како нем сведок на тагата за жртвите во најголемата бродска трагедија во земјава.