Шпанија 5:1 Македонија

Започнаа квалификациите за Европското Првенство во фудбал кое ќе се одржи во Франција во 2016 година. За жал, Македонија мораше да ги започне овие квалификации со огромен пораз од актуелниот европски шампион – Шпанија.

Како што се очекуваше, Шпанија тргна офанзивно, оставајќи го зад себе неуспехот од Светското првенство во Бразил. Уште во 15-та минута по прекршокот во нашиот шеснаесетник беше досуден пенал за Шпанија, кој Рамос успеа да го реализира. За само две минути подоцна Пако Алкацер успеа да ја зголеми предноста на 2:0. Во 28-та минута беше досуден пенал и за Македонија, кој успешно го реализира Агим Ибраими и ја намали предноста на Шпанија на 2:1. Во судиското надополнување од првото полувреме, Бускетс го зголеми резултатот на 3:1.

За само 5 минути од почетокот на второто полувреме Шпанија го зголеми резултатот на 4:1 со голот на Давид Силва во 50-та минута. Шпанија фуриозно напаѓаше во текот на целото второ полувреме, а Пачовски имаше добри интервенции, но и среќа. Следуваа измени на обете страни, кои не донесоа некакво освежување, барем не во нашата репрезентација. Во судиското продолжение Педро постигна гол за Шпанија и го постави конечниот резултат 5:1.

По првото коло од квалификациите, Шпанија и Словачка имаат по 3 бодови, следуваат Белорусија и Луксембург кои имаат по 1 бод, а Украина и Македонија се без бодови.

WebOhrid