По изборот на фирмата која ќе ги реализира работите, ќе започне целосната обнова на ентериерот на Галеријата на Никола Мартиноски, лоцирана во Крушево, проект кој е предвиден во Програма на Министерството за култура …
Во објектот каде е презентирано исклучително вредно ликовно наследство создадено од основоположникот на македонската ликовна уметност, до крајот на годината предвидено е да се реализира ентериерното тековно одржување на ѕидовите, обнова на електричната инсталација, замена на алармниот систем, како и замена на металната ограда на приодните скали. Исто така, освен целосната обнова на внатрешноста, предвидено е објектот да биде осветлен со што ќе врати сјајот на овој симбол на градот Крушево.
Оваа година се преземени мерки и се прават истражувања за решавање на проблемот со складиштето за огрев во објектот, како и пренамена на простор во внатершноста кој може да се стави во функција на галериската и музејската дејност. Сите активности имаат за цел да обезбедат соодветни услови за одржување, чување и негување на збирката и делата на Мартиноски, како и на етнолошката збирка во самиот објект.
Минатата година, по повод 110 години од Илинден и 110 години од раѓањето и 30 години од смртта на Никола Мартиноски, со средства на Министерството за култура целосно беше обновена и надворешноста на овој мошне значаен објект. Беа реновирани надворешната фасада и столарија, се изгради потпорен ѕид пред галеријата кој овозможи и хортикултурно доуредување на просторот, а со нов одвод спроведена е атмосферската вода од дворот и од кровната конструкција која сериозно ги загрозуваше темелите на објектот.