Претседателот на СДСМ Заев ги објави првите луѓе на тимот

На прес-конференција, денес претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги објави првите луѓе на тимот. Го пренесуваме целосно неговото обраќање:

„Почитувани граѓани,

Направен е вториот чекор во реализацијата на Стратегијата за политичко делување на Социјалдемократскиот сојуз.

Утврдена е кадровската поставеност на столбот што го најавивме како Централен систем на комисии, што внимателно ќе ја следи работата на секое министерство, орган, институција, на централно и на локално ниво и ќе ги корегира штетните политики со спротивставување на сериозна, квалитетна, реална и видлива алтернатива.

Сакам да ве известам дека Извршниот одбор на партијата синоќа едногласно донесе неколку одлуки:

Прво: Формиран е Директорат на Централниот систем на комисии.

Поставени се 5 извршни директори кои ќе работат директно во консултации со мене како претседател на Социјалдемократскиот сојуз и ќе ја координираат работата на 17 комисии.

– Извршен директор и претседателка на Комисијата за надворешни работи, задолжена и за комисиите за информатичко општество и администрација и за европски прашања е заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

– Извршен директор задолжен за комисиите за внатрешни работи, за правда и за одбрана е генералниот секретар Оливер Спасовски.

– Извршен директор задолжен за комисиите за финансии, за економија, за локална самоуправа, за труд и социјална политика и за енергетика е потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов.

– Извршен директор задолжен за комисиите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање е потпретседателот, Дамјан Манчевски и

– Извршен директор задолжен за комисиите за здравство, за образование и наука и за Комисијата за култура е потпретседателот, Александар Кирацовски.

Директоратот на СДСМ, континуирано ќе ги скенира општествено – политичките процеси во државата, што влијаат врз животот на граѓаните на Република Македонија и ќе носи одлуки за политичко дејствување на СДСМ, исклучиво според потребите на граѓаните на Македонија.

Второ: Донесена е одлука за формирање на 17-те комисии што ќе бидат постојан коректив на државните институции и предлагач на алтернативните решенија на СДСМ пред граѓаните, за проблемите со коишто се соочуваат. За претседатели на комисиите избрани се личности кои долги години ја следат работата во ресорите што ќе ги водат. Дел од нив се членови на Извршниот и Централниот одбор, дел од нив се досегашни претседатели на советите на партијата.

– Претседателка на Комисијата за внатрешни работи е потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски.

– Претседателка на Комисијата за правда е пратеничката и членка на Извршниот одбор, Рената Дескоска.

– Претседател на Комисијата за финансии е досегашниот претседател на Советот за економски прашања, Кире Наумов.

– Претседател на Комисијата за економија е членот на Извршниот одбор, Драган Тевдовски.

– Претседател на Комисијата за транспорт и врски е членот на Извршниот одбор, Благој Бочварски.
– Претседател на Комисијата за одбрана е Максим Димитриевски, член на Извршниот одбор.
– Претседателка на Комисијата за земјоделство шумарство и водостопанство е Тања Прентовиќ од Извршниот одбор на партијата.

– Претседател на Комисијата за здравство е членот на Централниот одбор, Гоце Чакаровски.

– Претседател на комисијата за образование и наука е членот на Извршниот одбор, Петар Атанасов.

– Претседателка на Комисијата за труд и социјална политика е досегашната претседателка на Советот за социјална политика на СДСМ, Мила Царовска.

– Претседател на Комисијата за локална самоуправа е досегашниот претседател на Советот за локална самоуправа, Дејан Павлески.
– Претседателка на Комисијата за европски прашања е Лидија Димова, која досега раководеше со Советот за ЕУ интеграции.
– Претседател на Комисијата за култура е досегашниот претседател на Советот за култура на СДСМ, Роберт Алаѓозовски.

– Претседател на Комисијата за животна средина и просторно планирање е членот на Извршниот одбор, Пеце Мирчевски.

– Претседателка на Комисијата за информатичко општество и администрација е поранешната пратеничка на СДСМ, Цветанка Иванова.

– Претседател на Комисијата за енергетика ќе биде досегашниот претседател на Совет за енергетика и комуникации, Митко Андреевски.

Сакам да потенцирам дека со овие луѓе ќе работат подеднакво квалитетни и стручни кадри во областите за коишто се тие задолжени. Во следниот период ќе се формираат секретаријати на комисиите во коишто ќе работат пратеници на СДСМ, претседатели или членови на досегашните совети на партијата, членови на телата на партијата, експерти.

Ова е врвот на пирамидата, пандан на целиот централен систем на институции на ниво на Македонија, до најниска вертикала, до најмалата општина.

Исто така, на вчерашната седница на Извршниот одбор е донесена едногласна одлука, носител на четвртиот столб од Стратегијата за политичко делување на СДСМ, “Партнерства за демократска Македонија“ да биде нашиот кандидат за претседател на последните претседателски избори, досегашен претседател на Советот за безбедност и НАТО интеграции, Стево Пендаровски.

Стево ќе биде со нас на терен, ќе биде во контакт со невладиниот и граѓанскиот сектор, зашто, како што најавивме, отвораме широк фронт за демократска Македонија, во којшто ќе ги вклучиме сите субјекти и индивидуалци кои сакаат да придонесат Македонија да ја кренеме од дното и да ја вратиме на патот на просперитетна држава.

Паралелно со ова се работи и на другите два столба: “Работиме заедно“и “Силна СДСМ“. Наши тимови веќе се меѓу граѓаните, во подготвителни активности за да се воспостави директна и цврста врска со народот. Нашата клучна цел е граѓаните да бидат партнер во активностите на СДСМ, за враќање на државата во нормален колосек.

Ние го почнавме тоа со промоцијата на Програмата на СДСМ и за време на изборите, но со овој пристап сакаме да ја покажеме нашата цврста определеност дека отсега местото на СДСМ е само таму, меѓу граѓаните. И за избори и без избори.

Груевски и ВМРО-ДПМНЕ доста го потценуваа народот и изигруваа се што ќе се договори.

Квалитетната кадровска поставеност, новата стратегија на СДСМ, со поддршката од граѓаните, ќе значи НУЛА толеранција за катастрофалното владеење на дрската и безобразна власт на Никола Груевски со којашто ја уништуваат Македонија 9-та година по ред.“- истакна Заев.