Претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер, го претстави новиот состав на Еврокомисијата, кој брои 28 члена, колку што има и земји-членки на Европската унија. Од нив, девет се жени како наложен минимум од страна на Европскиот парламент.
Комесар за проширување на ЕУ ќе има и во наредните пет години и покрај шпекулациите за укинување на оваа функција, иако, според најавите, во овој период ниту една земја нема да стане ЕУ членка. Наследник на досегашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе, ќе биде Австриецот Јоханес Хан.
Првиот човек на Еврокомисијата ќе има седум потпретседатели, од кои, како новина, еден ќе биде прв потпретседател, а тоа е г. Франс Тимерманс, поранешниот шеф на холандската дипломатија, кој ќе биде задолжен за ресорот Подобра регулација, меѓуинституциски односи, владеење на правото и основни права.
Останатите шест потпретседатели се:
- Федерика Моделини, Италија – надворешна политика и безбедност
- Кристалина Георгиева, Бугарија – буџет и човечки ресурси
- Аленка Братушек, Словенија – енергетска унија
- Јирки Катаинен, Финска – раст на вработувањето, инвестициите и конкурентноста
- Валдис Домбровскис, Летонија – евро и социјален дијалог
- Андрус Ансип, Естонија – единствен дигитален пазар.
Покрај потпретседателската функција, четворица од нив ќе бидат и суперпотпретседатели со надзорна улога (Катаинен, Добровскис, Ансип и Братушек).
Избраниот состав на Еврокомисијата треба да добие „зелено светло“ од Европскиот парламент во октомври, а ќе стапи на должност од 1 ноември.