Заменик претседателката на СДСМ Шекеринска се сретна со делегација од Бенелукс

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска и членката на Извршниот одбор Рената Дескоска денеска остварија средба со делегација од Бенелукс предводена од Дафне Бергсма, директорка на европското одделение при Министерството за надворешни работи на Холандија.

Шансите за политички дијалог за излез од актуелната политичка ситуација во Македонија, по двојните криминални избори во Македонија беа теми на состанокот.

Заменик претседателката Шекеринска посочи на заложбите на Социјалдемократскиот сојуз за враќање на демократскиот амбиент во државата во којашто насока се и 5-те барања на СДСМ.

Владејачката партија ги претвори државните институции во свои партиски испостави, коишто заштитуваат тесно партиски интереси, а не се грижат за интересите на граѓаните. Власта се осмелува грубо да ги крши Уставот и законите. Правниот систем за заштита на граѓаните не функционира, јавниот долг постојано расте, доведено е во прашање слободното изразување на волјата на граѓаните, нагласи заменик претседателката Шекеринска.

На средбата се зборуваше и за новата Стратегија на СДСМ за политичко делување.

Заменик претседателката Шекеринска објасни дека таа се базира на четири столба и подразбира политика на отворени врати, активни членови, постојан разговор со граѓаните и следење на штетните политики на власта. СДСМ е целосно фокусирана на нормализирање на државата, обезбедување на достоинствен живот на сите граѓани и враќање на патот кон евро – интеграциите и од овие цели нема да отстапи, посочи Шекеринска на состанокот со дипломатите од земјите на Бенелукс.