Кривична пријава за поранешен директор на ЈП „Нискоградба“

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ СВР Охрид против В.Ц. (51) од Охрид поднесе кривична пријава.

Во периодот од септември 2012 до април 2013 година, пријавениот во својство на одговорно лице-директор на ЈП „Нискоградба“-Охрид, искористувајќи ја својата службена положба, свесно извршил пречекорување на границите на службените овластувања и спротивно на законски, правен или друг основ им наложил на одговорните во финансиско-сметководствениот сектор на ова претпријатие, средствата кои на деведесет и осум вработени по разни основи им се задржувале од плати во вкупен износ од 260.374,оо денари, да не се уплатат за предвидените намени туку противправно да се присвојат во корист на „Нискоградба“ и со нив да се плаќаат обврските према приватната фирма „КА инжинеринг“ ДООЕЛ Охрид.

Со тоа, пријавениот им предизвикал штета на вработените а за јавното претпријатие со кое раководел имотна корист во износ од 260.374,оо денари преку противправно присвојување-стекнување со средства од вработените и нивно неовластено користење за плаќања во корист на приватаната фирма. За нелегално задржаните плати на работниците, пријавениот не ги известил вработените во ЈП „Нискоградба“ и не добил согласност истите да ги користи за потребите на јавното претпријатие, бидејќи станува збор за средства од работниците а не средства од јавното претпријатие.

Истовремено, во пресметките за месечни плати кои им се давале согласно Колективниот договор, работниците биле известувани дека им се задржани средства за плаќање на обврските кои ги имале создадено, а таквите плаќања за реализација на обврските не им биле реализирани. Со тоа работниците биле доведени во заблуда дека средствата кои им се закинати на плата ќе се насочат према дознаката во пресметките на плата.

На овој начин, со противправното присвојување на наведените 260.374,оо денари од закинати плати на деведесет и осум работници и без нивна согласност, ЈП „Нискоградба“ стекнало противправна имотна корист, а работниците од „Нискоградба“ претрпеле штета од ненавремено исплаќање на обврските кои ги имале создадено по разни правни основи.