Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Штип интензивно работат на конзервација на 181 метарскиот северно-источен бедем на овој значаен археолошки локалитет кој датира од четвртиот до шестиот век. Според предвидениот план во тек е конзервацијата на третата делница од бедемот во должина од 46 метри. Покрај работите на бедемот во тек е и конзервацијата и реконструкцијата на печките за стакло и метал.
Археолозите од Штипскиот Музеј во моментов работат и на градската базилка и на средовековната некропола, кај црквата Свети Ѓорѓија, која се поврзува со мисијата на Светите Кирил и Методиј.
Со реализацијата на проектот за конзервација на северо-источниот бедем ќе се овозможи зголемена репрезентативност на локалитетот како и поголема посетеност од страна на домашните и странски посетители.
Баргала e еден од четирите најголеми и најпознати доцно антички градови и ранохристијански епископски центри во источна Македонија, во кој живееле над 5000 жители. Локалитетот кој е со површина од 4,5 хектари, годишно е посетен од повеќе од десет илјади домашни и странски посетители кои се запознаваат со богатата македонска историја.