Претседателот Иванов на „Спортски Бон-Тон“ во Охрид

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, денеска присуствуваше во спортско културната манифестација „Традиционални спортски игри – Спортски Бон-Тон” која што се одржа во Охрид.

Целта на проектот е да се промовира Спортски Бон-Тон како модел на интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe со нивните традиции, култури и обичаи.

„Проектот спортски бон-тон што денеска се реализира во Охрид е посветен на традиционалните детски игри. Од реакциите на децата се гледа дека им годи да се потсетуваат на игрите на нивните родители и предци и да откриваат во секој град кој го посетуваат која е специфична игра за тоа место. Тоа е еден вид учење, другарување, запознавање на децата меѓесебе, но и на градовите кои ги посетуваат оттаму што домаќините подготвуваат програма што е нивна специфичност”, истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека овој проект досега покажал многу позитивни резултати и токму поради тоа продолжува, а за значајноста потврда е тоа што се повеќе градови се вклучуваат во оваа кампања што ги промовира спортот и здравите животни навики.

1

„Спортувајќи учат какви се правилата во спортот и какви се правилата во животот. Како се успева во животот и што е потребно да се постигне целта, но секојпат треба да се почитува противникот и правилата на игра”, рече претседателот Иванов.

Координаторот на проетот Иван Анастасовски истакна дека како организатори ќе се вложат напори сите активности односно сите традиционални, подзаборавени игри да се публикуваат.

„Традицијата е она што ќе не одржува во тој глобален свет и ќе не распознава и разликува од другите, со тоа што како организатори би биле најзадоволни доколку таа публикација по завршувањето на проектот би биле дисперзирана во сите општини, како трајно дело”, истакна Анастасовски.

Претседателот на Советот на општина Охрид Гордана Коњановска рече дека Охрид како домаќин се вклучува во проектот насочен кон промовирање и реафирмирање на подзаборавените традиционални вредност, како фер-плеј, посветеност на тимски успех, почитување на другите, меѓусебно разбирање и толеранција за оние што се поразлични.

Проектот Спортски бон-тон имплементиран во 2014 година се реализира под покровителство на Претседателот на Република Македонија, со поддршка на Амбасадата на САД. Оваа година тој се реализира во општините Охрид, Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село и Свети Николе.

bonton_ohrid_2