УНЕСКО проект – Интегрално управување со природното и културното наследство на регионот на Охридското Езеро

На 15 и 16. Септември, во Поградец на брегот на Охридско Езеро ќе стартува со имплементација Проектот за Интегрално управување со природното и културното наследство на регионот на Охридското Езеро, финанасиран од ЕУ и УНЕСКО.

Проектот е дизајниран да ги посочи главните критични точки околу заштитата на природното и културното наследство во регионот. Исто така цел е да ја зајакне прекуграничната соработка во овој дел, да ги зајкне капацитeтите за заедничко управување и да поддржи интегрирано управување и прекугранична секторска соработка. Финално, целта на проектот е ставање на албанската страна на езерото под заштита на УНЕСКО. Проектот е планирано да трае 36 месеци, да чини 1,7 милиони евра и да се спроведе под координација на ЕУ/УНЕСКО, а преку Министерствата за животна средина и за култура на Македонија и Албанија. На Почетната работилница во Поградец, од македонска страна ќе учествуваат претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура, Завод и музеј Охрид и претставници на општините Охрид, Струга и Дебрца.

Билатералниот Секретаријат за Охридско Езеро учествуваше уште во самите подготовки на овој голем Проект и истиот ќе биде, како постојно прекугранично тело, основа на имплементацијата и соработката на Проектот. Презентација за искуствата на прекуграничната соработка и за соработката со УНЕСКО и МАБ програмата преку процесот за прогласување на Биосферниот резерват Охрид/Преспа ќе има македонскиот претставник во Билатералниот Секретаријат – Дејан Пановски:

„Нема напредок со делење епитети туку со заштита, правилно управување и валоризација на вредностите и наследството. Затоа овој проект е исклучително важен и со него се очекува да се излезе со ревидирана инвентаризација на наследството во регионот, со стратегија за развивање на софт-туризам базиран на културните и природните вредности но, и да се интервенира со пилот мерки во односот кон отпадот. Ако на крај се успее и албанската страна на Езерото да добие статус и обврски кон УНЕСКО, што е главната цел и во што не се сомневам, тогаш сме создале реални услови за долгорочна интегрална заштита на вредностите. Проектот поддржан од ЕУ и УНЕСКО е силно конципиран кон интегралноста на мерките и се случува временски во еден исклучително важен момент за Езерото и за заштитата на природно и културно наследство околу него.“- вели Пановски.