Македонија и Србија со заеднички ДКП-а во некои земји

Македонија и Србија се пријателски земји, во наш интерес е билатералните односи да бидат колку е можно подобри. Србија ја поддржува европската иднина на Македонија. Овој регион неоправдано е со години и децении потценуван во однос на другите делови на Европа и затоа целиот овој регион заслужува што поскоро да влезе во ЕУ.

Ова го изјави првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ, по денешната средба во Скопје, со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Дачиќ и Попоски денеска потпишаа Спогодба за рационално користење на ресурсите во однос на заеднички дипломатско-конзуларните претставништва во странство. Се очекува најскоро да се дефинира на кои локации и во кои земји таа соработка е потребна и можно.

Шефовите на дипломатиите на Србија и на Македонија најавија дека втората заедничка седница на владите на двете држави ќе се одржи во Скопје во октомври или ноември годинава. Дачиќ на средбата ја пренел и поканата од српскиот премиер Александар Вучиќ до премиерот Никола Груевски за учество на 16 и 17 декември оваа година на средбата на кинескиот премиер со премиерите на 16 земји од Централна и Југо-источна Европа во Белград.

Министерот Попоски меѓу другото потенцира дека во делот на економската соработка е разговарано за прашањата за развој на туризмот, за Коридорот 10 и за целосно автопатско решение и унапредување на железничкото поврзување, но и за енергетското поврзување на двете земји. Регионалната соработка, исто така била тема на разговор на средбата, особено во делот што се однесува на потенционалните кандидати за членство во ЕУ. Сметаме, истакна Попоски, дека по овие прашања можеме да имаме доста плодна соработка.

„Ние сме големи долгогодишни економски партнери и треба што повеќе да работиме заеднички на развојот на тие економски односи. Нашиот обем на размена е некаде 850 милиони евра годишно и треба да работиме заеднички да настапуваме на трети пазари“, изјави Дачиќ, додавајќи дека во последните години е направен значаен подем во билатералните односи.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Србија и Македонија ќе воведат санкции за Русија и со тоа ќе ја следат политиката на ЕУ, Дачиќ потенцира дека земјите кои се кандидати имаат обврска да ја усогласат својата надворешна политика со онаа на ЕУ и тоа е дел од преговарачкиот процес.

Во делот на надворешната политика, посочи Попоски, Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ подолг временски и вклучително во надворешната политика се усогласуваме со ставовите на ЕУ.

Клучната разлика, истакна тој, е тоа што тие што се членки на ЕУ, учествуваат во креирањето на таа политика, а тие што се надвор имаат можност да учествуваат само во нејзиното спроведување.

„Тука говориме за усогласување на меѓународно-правните и меѓународно-политичките позиции на Република Македонија во однос на ЕУ, но не треба да заборавиме и еден факт, кој малку го компликува тој однос бидејќи повеќе земји членки на ЕУ се и земји членки на НАТО, а добро знаеме дека една земја членка на Алијансата го има сериозно прекршено меѓународното право, а тоа го има консттирано Меѓународниот суд на правдата. Тоа сериозно го проблематизира аргументирањето кон Република Македонија за приемната на меѓународното право што е наша основна позиција и главен столб на нашата надворешна политика – почитување на меѓуанродното право од сите и за сите“, појасни Попоски.

Според Дачиќ, потребно е да се отворат разговори за тоа за да можеме воопшто да дојдеме до тоа да имаме обврска за целосно наше усогласување на надворешната и безбедносна политика.

„И во Берлин говорев дека ние ќе ја усогласуваме нашата политика, но ќе водиме сметка и за нашите економски интереси. Русија и Украина можат да војуваат и да тргуваат, а ние сите останати да плаќаме за тоа. ЕУ има своја политика, ние не сме челнови на ЕУ, кога ќе станеме членки на ЕУ ќе имаме обврска во целост да ја усогласуваме нашата политика“, изјави српскиот министер за надворешни работи.

На новинарското прашање дали Србија и Македонија ја поддржуваат борбата против исламската држава, Дачиќ и Попоски децидни дека и двете држави ја поддржуваат борбата против тероризмот.

Се работи според многу проценки, смета Попоски, најверојатно за најсериозната закана во делот на појавата, опстојувањето и формите во кои се јавува верскиот фанатизам и екстремизам.

„Мислам дека таа закана ја споделувањеме со сите наши партнери кои се дел од евроатлантското семејство и од нашето потесно и пошироко опкружување. Треба да се справиме со заеднички сили, а колку ќе бидеме успешни во тоа ќе видиме низ манифестациите кои може да се појават во иднина“, рече шефот на македонската дипломатија.

Дачиќ потсети дека со години веќе предупредувал на разни меѓународни собири за постоење на радикалниот тероризам, особено на овие простори.

„Разните меѓународни фактори го толерираа нивниот развој. Против тероризмот мора да се бориме секаде каде што тој ќе се појави, а не само кога ќе го погоди вашиот интерес. Тие што дотогаш беа кај нас во Македонија, во Србија, во БиХ, кои се декларирани како вехабии или припадници на радикалните исламистички групации, тие беа толерирани, а сега кога се во Срија или Ирак, сега се бориме против нив. Бараме поддршка од меѓураодната заедница да се бориме против радикалниот ислам и овде кај нас и во Македонија и во Србија и на целиот Балкан“, истакна Дачиќ.

Покрај средбата со својот домаќин, шефот на македонската дипломатија Попоски, Дачиќ ќе разговара и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.