Иницијативите во рамки на здравствената мрежа на Југоисточна Европа со фокус на формирање центар кој ќе се занимава со кризни ситуации од здравствен аспект, но поврзани со здравјето, како што беа поплавите во земјите од регионот, членки на здравствената мрежа, и улогата на регионалниот директор на СЗО за Европа во поддршка на функционирањето на мрежата, се дел темите на кои се осврна министерот за здравство Никола Тодоров во обраќањето на 64. сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа, која почна денеска во Копенхаген.
„Сакаме да направиме едно постојано тело кое во кризни ситуации ќе може брзо да делува, да се организира и да пружи помош за земја погодена од каква било природна непогода“, изјави Тодоров по обраќањето.
Изрази очекување дека поддршката која ја дава СЗО на функционирањето на здравствената мрежа на ЈИЕ ќе продолжи и во иднина, а особено потврда за тоа ќе биде конференцијата која на почетокот на ноември ќе се одржи во Скопје и на која ќе присуствува регионалниот директор на СЗО за Европа, Сузана Јакаб, како и министри за здравство од земјите-членки на здравствената мрежа од ЈИЕ.
Попладнево на маргините на 64. сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа ќе се одржи состанок на министрите за здравство на државите-членки на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, со кој ќе претседава Тодоров.
„Ќе разговараме за иницијативите кои и имаме во рамки на мрежата. Очекувам дека министрите ќе дадат поддршка на иницијативите и мрежата практично ќе биде едно тело кое ќе има постојана актвност. Сакаме соработката во рамки на овие земји да ја подигнеме на многу повисоко ниво и во рамки на глобалната соработка на СЗО“, додаде Тодоров.
По завршување на министерскиот состанок, тој ќе ја посети Универзитетската болница „Rigshospitalitet“ во Копенхаген, а вечер пред претставници на неколку болници и осигурителни компании ќе ги презентира можностите за инвестиции во Република Македонија во слободните здравствени зони.