Деветнаесет доктори добија решение за специјализација, а двајца доктори решение за субспецијализација во странство. Станува збор за доктори по општа медицина (или специјалисти) кои се во редовен работен однос во јавните здравствени установи во Република Македонија.
На прес-конференција пред доделувањето на специјализациите и субспецијализациите која се одржа во Владата, министерот за здравство Никола Тодоров рече дека овие специјализации се во рамки на најавените 70 специјализации во странство, со што продолжува реализацијата на еден многу значаен проект, со кој на долг рок ќе се придонесе за професионално усовршување на кадарот од ЈЗУ, а со тоа и кон поквалитетни здравствени услуги за граѓаните.
Докторите, истакна министерот, се упатуваат на специјализација во реномирани медицински центри во странство – еден доктор во Клинички центар Нирнберг – Германија, шест доктори во Клинички центар Љубљана, осум доктори во Клиничко-болнички центар Загреб, како и шест доктори во Медицински факултет во Белград.
„Станува збор за специјализации од повеќе различни области, меѓу кои: гинекологија и акушерство, клиничка педијатрија, офталмологија, дигестивна хирургија, урологија, кардиологија, гастроентерологија, анестезија, реанимација и интензивно лекување, радиодијагностика, трауматологија, ортопедија, а воедно и две субспецијализации во областа на кардиохирургијата, со што ќе го зајакнеме кадарот на новата Клиника за државна кардиохирургија“, посочи Тодоров.
Најголем дел од докторите на кои денеска им ги доделуваме решенијата за специјализација во странство, нагласи министерот, веќе од октомври заминуваат на специјализација во конкретната здравствена установа, односно медицински центар.
Тој рече дека на специјализација во странство одат четворица доктори од Клиничка болница Штип, четворица доктори од Општа болница Велес, четворица доктори од Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ – Охрид, тројца доктори од Клиничка болница Битола, двајца доктори од Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, двајца доктори од Градската општа болница „8 Септември“ и двајца доктори од Клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“.
„За потсетување, претходно веќе почнавме со процесот на реализација на специјализации во странство, со тоа што пет доктори во месец април заминаа на специјализација во реномираниот Клинички центар Нирнберг во Германија. Министерството за здравство континуирано вложува во унапредување на квалитетот на знаење и стручни вештини на докторите, особено од аспект на совладување на нови методи за кои досега пациентите беа испраќани во странство“, истакна Тодоров.
Укажа дека континуирано обезбедуваат голем број нови специјализации во Република Македонија, меѓу кои за учебната 2013/2014 година се доделени вкупно 362 специјализации.
„Ова ни е еден од главните фокуси имајќи предвид дека во минатото еден од поголемите проблеми во здравството беше обезбедување доволен број слободни места за специјализација, па имаше еден добар дел од докторите кои воопшто немаа можност да бидат упатени на специјализација или чекаа повеќе години да бидат упатени на специјализација, особено тоа се случуваше во центрите надвор од Скопје“, потенцира Тодоров.
Појасни дека се силно фокусирани и на обука на македонски лекари преку нивно испраќање во странство за да бидат обучувани за нови методи, техники или стекнување нови вештини во врвни реномирани медицински центри во Европа, САД, но и во Австралија и во Кина.
„Во претстојниот период ќе бидеме фокусирани на обезбедување дополнителни специјализации во реномирани медицински центри во Турција за определен број специјализанти“, додаде Тодоров.
Доктор Васил Папестиев од Државната кардиохирургија кој заминува на субспецијализација во Клиничкиот центар во Загреб, изјави дека едукацијата на кадрите од Државната кардиохирургија е еден од најважните моменти кои ќе се случуваат во наредните две до три години.
„Одењето во Загреб за дел од нас докторите е одлична шанса да бидеме дел од еден центар кој е со најдолга традиција во овој регион, еден од најдобрите трансплантациски центри. Таму повремено ќе оди и средниот медицински персонал покрај докторскиот персонал. Искуствата ќе бидат пренесени на Државната кардиохирургија која почна да фунцкионира“, посочи Папестиев.
Во Државната кардиохирургија, истакна тој, веќе се почнати интервенциите и ние активно учествуваме во нивното изведување.
„Субспецијализацијата според нивната програма, трае две години, со тоа што ние веќе имаме завршено општа хирургија и ова е дообука на она што веќе сме го почнале“, додаде Папестиев.
Доктор Виктор Бојковски од ЈЗУ Општа болница од Велес кој заминува на специјализација по анестезиологија, реанимација и интензивно лекување во времетраење од пет години на Клиниката во Нирнберг, изрази надеж дека ќе ги стекне сите потребни искуства кои подоцна би ги пренел и тука на неговите колеги и пошироко со што би придонел за развивање на оваа гранка низ целата држава.
– Целата иницијатива е медицината да биде застапена подеднакво на целата територија на Македонија и би сакал да ги пренесам сите нови искуства и тие да бидат применети во Македонија, додаде Бојковски.