Продолжува континуираното усовршување на наставниците и професорите по физичко образование

Агенцијата за млади и спорт (АМС) во соработка со Бирото за развој на образованите спроведува програма за унапредување и подобрување на квалитетот на часовите по физичко. Целта е професорите и наставниците да ги освежат и да стекнат нови неопходни теоретски знаења и практични вештини за промовирање на физичката активност, здравиот начин на живот, преку наставата по физичко и здравствено образование и на најдобар можен начин да придонесат кон психофизички здрава нација.

„Наша темелна определба е развој на училишниот спорт, со што ја нагласуваме грижата кон младите генерации и настојуваме тоа да го искажеме и со реални активности. По сериозни анализи и опсервации во изминатиот период за состојбите во училишниот спорт и физичкото образование воопшто, се определивме да го лоцираме нашиот интерес во развој и поддршка на човечките ресурси кои го реализираат обемниот и сложен систем на училишниот спорт и наставата по Физичко воспитание. АМС како долгорочна стратешка активност ја дефинираше перманентната едукација на активниот наставен кадар како услов за реализација на современ тренажен процес на учениците и секако квалитетна настава по најомилениот предмет кај учениците“, – рече на денешната прес-конференција директорот на АМС Марјан Спасески.

Тој очекува овој проект да овозможи подобрување и подигнување на квалитетот на наставата по предметот физичко образование.

Директорот на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ ги повика и наставниците кои држат одделенска настава да не ги изоставуваат часовите по физичко.

„Со овој проект се опфатени предметните наставници од основните и средните училишта, меѓутоа не ги заборавивме и одделенските наставници и следниот чекор ќе ни биде нивно вклучување во овие обуки. Апелирам малите дечиња да бидат што поактивни на часовите по физичко воспитување и на тој начин да создадеме кај нив спортска култура, а секако и да се превенираат голем број на деформитети кои можат да се јават во нивниот физичкиот развој“, – изјави Хорватовиќ и укажа на проблемот детектиран кај еден дел од одделенските наставници кои часовите по физичко ги заменуваат со други предмети и повика предвидениот фонд на часови по физичко да биде реализиран.

Во овој проект вклучен е и Факултетот по физичко образование спорт и здравје. Со помош на професори од овој факултет континуираната едукација на наставниците и професорите се одвива во шест региони со применување на голем број спортски дисциплини. Првите две години на семинарите беа промовирани нови методски постапки, современи технологии, а од годинава предвидена е интерактивна настава, што значи вклучување на самите професори по физичко.