Изложба на фотографии „Од Истанбул до Анадолија“ во Мала станица

Од „Истанбул до Анадолија“ е насловена изложбата на фотографии на познатиот фотограф Мустафа Дедеоглу од Турција, која беше отворена во мултимедијалниот центар „Мала станица“.

На отворањето на изложбата се обрати државниот секретар во Министерството за култура, Беџихудин Шехапи, кој рече дека љубителите на фотографската уметност во Скопје имаа одлична можност за првпат да видат 70 фотографии од овој истакнат фотограф.

„Изложбата претставува фотографски есеј за атмосферата и животот на луѓето во живописниот Истанбул, градот на два континента, а објективот на фотографот ни го доловува и богатото културно наследство на Турција, земјата каде што се почитуваат културните доблести и традицијата“ – истакна Шехапи.

Тој додаде дека Дедеоглу е фотограф кој со своите фотографии воспоставува културен коридор за поврзување на културите, мост меѓу времето и просторот, врска меѓу генерациите, меѓу современоста и традициите.

Изложбата, која е во организација на Турскиот културен центар „Јунуз Емре“, по Скопје, ќе биде поставена и во Битола.