СДСМ: Градоначалникот Бакрачески да каже за што ги задолжи охриѓани со кредит од 127 милиони денари?

Од ОО на СДСМ Охрид, на денешната прес-конференција побараа од градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, да каже за што ги задолжил охриѓани со кредит од 127 милиони денари.

„Дали под капитални инвестиции Никола Бакрачески подразбира асфалтирање улици и поставување атмосферска канализација, што е редовна обврска на секоја општина?!

За тоа ли граѓаните на Охрид ќе враќаат кредит до 2030 година?!

Она што дополнително загружува е фактот дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Барачески кријат колкави камати ќе плаќаат охриѓани за земениот кредит од 127 милиони денари.

Во одлуката што се донесе на претходната 27 седница буквално стои дека каматната стапка изнесува “шестмесечен EURIBOR со варијабилен распон” (што значи дека каматната стапка е од прилика 0,2%).

Но во материјалите каде што е доставен табеларен преглед за распоред на отплатата на кредитот наведена е каматна стапка од 5%!

Врв на се е одговорот на градоначалникот Никола Бакрачески на вчерашната седница, кога изјави дека каматната стапка “нема да биде поголема од 2%”.

Сега колкава е каматата на 127 милионскиот кредит: 0,2 процента, 2 процента или 5 проценти?

Градоначалникот Бакрачески ги должи овие одговори на нас, граѓаните на Охрид, за најновото кредитно задолжување, што ќе го отплаќаме во следните 16 години!“- истакнаа од ОО на СДСМ Охрид.