Интензивни градежни активности на спортските терени во струшко

Струшките села Нерези и Мороишта ќе добијат нови спортски терени до крајот на јули. Ова денеска го констатираше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, кој изврши увид во градежните работи за изградба на повеќенаменско игралиште во селото Нерези и реконструкција и адаптација на фудбалското игралиште во селото Мороишта.

„Динамиката на реализација на двата проекти се одвива согласно утврдените рокови во Програмата на Владата и очекуваме до крајот на јули овие два спортски капацитети да бидат ставени во функција. Струга и струшкиот регион се познати по спортскиот потенцијал, особено во колективните спортови и верувам дека од овие терени голема придобивка ќе видат професионалните спортисти, но и младите луѓе кои рекреативно спортуваат” –истакна директорот Спасески.

Тој потсети дека досега во Струшко, Агенцијата инвестирала во изградба на еден фудбалски терен од проектот за изградба на 50 фудбалски игралишта во целата држава, изградба на повеќенаменско игралиште во селото Лабуништа и реконструкција на спортското игралиште во село Октиси, но, како што рече Спасески, инвестициите во Струшко нема да запрат тука.

„Иако се соочувааме со проблеми во комуникацијата со општината Струга, особено во делот на добивање на предлог-локации и одобренија за градење за спортските терени, Агенцијата во следниот период ќе инвестира во изградба на повеќенаменски игралишта во селата Мислешево и Ложани, а предвидена е и изградба на единечен тениски терен и повеќенаменско игралиште за фудбал, ракомет и одбојка на песок, на една од плажите во струшкиот регион” –изјави Спасески.

За изградбата на спортските терени во Нерези и Мороишта од буџетот на Агенцијата за млади и спорт издвоени се околу 9.6 милиони денари.

moroista3