Светска банка го одобри кредитот во износ од 70,98 милиони долари за Проектот за рехабилитација на магистрални и регионални патишта за Република Македонија. Целта на проектот е да се подобри поврзаноста на избрани магистрални и регионални патишта, првенствено кон коридорите 10 и 8, како и да се зајакнат капацитетите на Јавното претпријатие за државни патишта за прашањата за безбедност на патиштата и опторност кон климатските промени.
„Македонија како континентална земја е особено зависна од добро развиена транспортна мрежа за нејзиниот економски и социјален развој, “објаснува Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на Светска банка во Скопје.
Проектот има за цел да ги поттикне напорите на земјата во постигнување раст кој создава работни места, како и да помогне во намалување на сиромаштијата и да промовира заеднички просперитет, кои се главни приоритети на Светска банка. Подобрената патна мрежа ќе придонесе кон намалување на сиромаштијата преку обезбедување подобар пристап до пазарот на труд и социјалните услуги за руралното население, наведуваат во соопштението од Светска банка.
Рехабилитацијата на магистралните и регионалните патишта ќе придонесе кон подобра поврзаност и побезбедно патување во областите надвор од Скопје, каде што живеат околу 1,2 милиони жители. Проектот ќе ја подобри поврзаноста до јавните капацитети и услуги, а исто така ќе ги намали времето потребно за патување, оперативните трошоци за возилата и ризиците од сообраќајни несреќи. Како резултат од тоа, локалното население ќе има подобрени приходи и поголем пристап до здравствени и образовни услуги.
Проектот ќе го зајакне капацитетот на Јавното претпријатие за државни патишта за подобро управување со средствата за патишта во земјата. Тоа ќе резултира во поефикасна стратегија за зачувување на патиштата и ефикасно програмирање на активностите за патната мрежа. Понатаму, проектот има за цел подобрување на отпорноста кон климатските промени и на одржливоста на патната мрежа во земјата преку финансирање активности за санација на одреден број свлечишта, како и редовно вклучување на елементи за климатската адаптација при проектирањето на патиштата.
„Проектот посветува особено внимание на безбедноста на патиштата, што претставува критично прашање во секторот. Проектот ќе вклучува пилот иницијативи за воспоставување добри практики во проектирањето и реконструкцијата на патишта, кои влкучуваат мерки за безбедност“, вели Лилјана Шекеринска, виш специјалист за транспорт во регионот за Европа и Централна Азија при Светска банка и лидер на проектот.
Според неа, од голема важност е што проектот има за цел да го зајакне управувањето на безбедноста на патиштата на целата мрежа преку заедничка работа на Јавното претпријатие, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за транспорт и останатите засегнати страни кон подобро управување на капацитетите на земјата за патна безбедност.
Заемот од 70,98 милиони долари за Проектот за рехабилитација на магистрални и регионални патишта е издаден од страна на Меѓународната банка за обнова и развој (ИБРД), со 23 години доспевање, вклучително и 6 години грејс период. Ова е втор проект за патен транспорт кој Светска банка во моментов го финансира во Македонија. Тековниот Проект за поддршка на регионалните и локални патишта, кој завршува во 2015 година, финансира рехабилитација и надградба на 284 километри регионални патишта и повеќе од 400 километри локални патишта, вклучувајќи рехабилитација на неколку свлечишта на патиштата.