Охрид домаќин на шестиот по ред Училишен спортски камп

Агенцијата за млади и спорт, Министерството за образование и наука и Федерацијата на училишен спорт на Македонија и годинава ќе го реализираат Училишниот спортски камп во Охрид.

Околу 260 учесници, односно најдобрите спортисти во машка и женска конкуренција од основните и средните училишта во земјава ќе си ги одмерат силите во вкупно 11 спортови. Кампот ќе се реализира во две смени и тоа од 22 до 27 јуни и од 29 јуни до 4 јули.

По тој повод денес во просториите на АМС се одржа прес- конференција на која свое обраќање имаа: проф. Зоран Радиќ – координатор на проектот, проф. Александар Туфекчиевски – претседател на ФУСМ и Марјан Спасески – директор на АМС.

„Најповолно место за развој на спортот од аспект на масовноста и квалитетот се училиштата и во таа насока Агенцијата за млади и спорт и во иднина ќе продолжи со реализација на вакви проекти со единствена цел овозможување на вистински предуслови, младите и талентирани спортисти од училишните клупи да продолжат да се занимаваат со спорт професионално и да станат репрезентативци на Македонија. Летниот камп, меѓу другото претставува валоризација на заложбите и наградување на постигнатите резултати во училишните спортски лиги“. – истакна Спасески.

Освен што ќе спортуваат учесниците ќе имаат теоретски предавања од областа на исхраната, антидопингот, фер-плејот и антидискриминацијата. Тие ќе бидата мотивирани од спортските ѕвезди како: Пепи Манасков, Марин Докузовски, Врбица Стефанов, Јошко Миленковски, Зоран Бошковски-Чоко, Горан Мицковски, Иван Кочовски, Бранимир Јовановски и други.