Засилени мерки за спречување на бесправна сеча на шумите

Засилени мерки и интензивирање на контролите за спречување на бесправната сеча на шума и нелегалната продажба на огревно дрво, заеднички договорија претставници на Граничната полиција-регионален центар Запад и СВР Охрид со одговорните во шумската полиција и шумските стопанства од Охрид, Струга и Дебар.

Со цел понатамошна успешна реализација на оперативната акција „Гора“, на вчерашната средба се допрецизираа конкретни активности за поголемо координирано постапување на терен и на целото подрачје со цел откривање, спречување и намалување на нелегалните активности поврзани со неовластена сеча и транспорт на огревно дрво, пустошење на шуми, кражба и нелегална трговија со дрвната маса.

Тимови од полициски инспектори, шумска полиција, инспектори за шумарство и од шумочуварските служби, ќе ги засилат дневните а посебно ноќните контроли на терен и ќе поставуваат контролни пунктови на одредени места. На удар и понатаму ќе бидат местата каде се врши нелегална сеча и продажба на огревните дрва а посебен акцент се става на оперативен план и контрола на одредени правци на движење на нелегалните дрвосечачи и моторните возила со кои се врши нелегален транспорт.

На заедничкиот координативен состанок се посочија и неколку мерки за интензивирање на процесот на известување и информирање на сите релевантни институции инволвирани во „Гора“-оперативна акција насочена кон сузбивање на криминалот поврзан со нелегална сеча на дрва, пустошење на шуми, кражба и нелегална трговија со дрвната маса.

Од почетокот на акцијата, извршени се контроли во складови за огревно дрво но и на повеќе шумски појаси по што граничната полиција и СВР Охрид против правни и физички лица поднесоа кривични пријави. На еден државјанин на Република Албанија му е изречена мерка притвор. Одземената дрвна маса и предмети поврзани со оваа нелегална активност се предадени на шумската полиција.

SVR_Seca_Sumi02