Биосферниот резерват Охрид-Преспа значи еколошки, економски и социјален развој за регионот

Прогласувањето на регионот Охрид-Преспа за биосферен резерват има далекусежно значење на локално и на национално ниво на повеќе полиња: поттикнување на туризмот, заштита на природното наследство во регионот, економски развој, брендирање на производството во регионот Охрид-Преспа, отварање можности за пристапност до меѓународните фондови, но не помалку важно е и поттикнувањето на албанската страна за заштита на природното наследство – истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање м-р Стево Темелковски на состанокот на Националниот комитет на УНЕСКО за реализирање на програмата ”Човек и Биосфера” односно МАБ Комитет, кој денеска се одржа во просториите на Министерството.

Меѓународниот комитет на УНЕСКО на седницата одржана во Јончопинг во Шведска на 10 јуни оваа година со акламација го прогласи Охрид-Преспа за прекуграничен Биосферен резерват. Создавањето таков резерват за сливот на Охридското Езеро, во кој е вклучен и регионот на Преспа, е иницијатива на Билатералниот секретаријат за Охридскиот слив, а е дел од Договорот за заштита на Охридското Езеро што заеднички го реализираа Македонија и Албанија.

2

Заменик министерот Темелковски најави и дека на 13 октомври во Корча, Република Албанија ќе се одржи свечена церемонија за инаугурација на регионот Охрид-Преспа за Биосферен резерват, кога воедно претставници од националните комисии на УНЕСКО ќе доделат сертификати за статусот биосферен резерват за Охрид од македонска и Преспа од албанска страна.

На состанокот македонскиот претставник во Билатералниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро, Дејан Пановски одржа презентација за прекуграничната соработка во Биосферниот резерват Охрид-Преспа.

Тој истакна дека статусот Биолошки резерват ќе донесе многу предности во однос на привлекувањето туристи и економската добивка, како и на полето на еколошкото поимање на регионот Охрид-Преспа, а крајна цел е овозможување на одржлив развој во регионот Охрид-Преспа.

4