Одржани практични обуки за наставниците по физичко образование

Под покровителство на Агенцијата за млади и спорт денеска на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ се одржа финалниот дел од проектот „Континуирана едукација на наставниците и професорите по физичко“. Досега беа одржани обуки низ целата држава поделени на три региони: Скопје, Исток и Запад, но обуките во континуитет ќе продолжат и во следниот период.

Носител на проектот е Агенцијата за млади и спорт, Министерство за образование и наука- Биро за развој на образованието и Факултет за физичка култура во Скопје, а главен покровител е Агенцијата за млади и спорт.

„Темелна определба на Владата на Република Македонија е развој на училишниот спорт со што ја нагласуваме грижата кон младите генерации и настојуваме тоа да го искажеме и со реални активности. По сериозни анализи и опсервации во изминатиот период за состојбите во училишниот спорт и физичкото образование воопшто, се определивме да го лоцираме нашиот интерес во развој и поддршка на човечките ресурси кои го реализираат обемниот и сложен систем на училишниот спорт и наставата по Физичко воспитание. АМС како долгорочна стратешка активност ја дефинираше перманентната едукација на активниот наставен кадар како услов за реализација на современ тренажен процес на учениците и секако квалитетна настава по најомилениот предмет кај учениците“, изјави директорот на АМС, Марјан Спасески.

Трета година по ред Агенцијата за млади и спорт, во соработка со Бирото за развој на образованието и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, го реализира проектот за континуирана едукација на наставниците по физичко и здравствено образование во основното и наставниците по спортски активности од средното образование.

Со годинашните обуки се опфатени вкупно 1.000 професори и наставници од основните и средните училишта, од сите региони во државата, а Агенцијата за млади и спорт од својот буџет за циклусот обуки обезбеди 500.000 денари.

Во претходните две години менторите, односно предавачите на семинарите одржани во рамките на овој проект промовираа нови методи за постапки, промовираа современи технологии наменети за наставниците и професорите по физичко воспитание. Оваа година семинарите се интерактивни, односно со вклучување на наставниците и професорите со цел да се разменат искуства и знаења од самиот терен.

Суштината на проектот е професорите и наставниците да ги освежат и да стекнат нови неопходни теоретски знаења и практични вештини за промовирање на физичката активност, здравиот начин на живот, преку наставата по физичко и здравствено образование и на најдобар можен начин да придонесат кон психофизички здрава нација.

Директорката на Бирото за развој на образованиот Весна Хорватовиќ уште еднаш упати апел до сите наставници и професори часовите по физичко образование да не се занемаруваат и да не се заменуваат со останатите предмети и активности.

„Почнувајќи од 2007 година часовите по физичко се зголемија за еден час неделно и сега имаме предвидено три часа седмично во наставниот план. За нас е многу значајно, а тоа воедно е и наша цел часовите по овој предмет да бидат реализирани онака како што е зацртано во наставната програма. Во таа насока се и овие обуки кои ќе продолжат и понатаму. Целта е на овој проект е да се поттикнат професорите по физичко образование во континуитет да ги изведуваат сите наставни единици“, потенцира Хорватовиќ.