Во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси, се одржа шестата по ред Меѓународна конференција за човечки ресурси, поддржана од Министерството за информатичко општество и администрација и Европската асоцијација за управување со човечки ресурси (EAPM).
На отворањето свое обраќање имаше заменик министерот Марта Арсовска Томовска, која истакна дека човечкиот капитал е битен сегмент од секоја организација и инвестирањето во неговиот развој како релативно млада научна дисциплина е пресуден за постигнување резултати и функционалност во работењето.
„Пред неколку години направивме Стратегија за јавната администрација, во рамките на која голем акцент беше ставен на човечките ресурси, при што воспоставивме нови стандарди врз основа на меѓународни искуства. Во февруари оваа година ги донесовме двата административни закони, во кои се вградија новите техники во управувањето со човечките ресурси. Воведувањето на етичките стандарди, исто така, претставува значаен сегмент на кој посветивме внимание. Во таа насока е новиот веб портал во изработка administracija.mk, кој активно ќе се занимава со оваа област.“ – рече во обраќањето Арсовска Томовска.
На конференцијата се обрати и претседателот на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Христина Лозаноска, која се осврна на целите на конференцијата и очекуваните резулати од неа.
Инаку, на настанот учествуваат високи претставници од бизнис секторот и академски институции, кои го споделуваат своето искуство и знаење за најдобрите практики од областа на човечките ресурси.
Во рамките на конференцијата традиционално се одржа и HR Training EXPO, кој претставува можност за промоција на програмите и услугите на сите заинтересирани компании и институции кои се дел од формалното и неформалното образование во Република Македонија.