Четириесет лекари од одделенијата за трауматологија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезиологија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар, Специјалната болница по хируршки болести „Св.Наум Охридски“, Клиничките болници во Штип, Битола и Тетово, Општата болница во Охрид и други ќе бидат обучувани за спасување на живот, односно животнозагрижувачка здравствена состојба од шест лекари специјалисти од САД .
Министерот за здравство Никола Тодоров, кој присуствуваше на првото предавање од оваа обука во Центарот за континуирана медицинска едукација, појасни дека обуката која ја спроведуваат докторите од САД, од бласта на трауматологија, е дел од проектот за престој на странски специјалисти во Република Македонија.
„Станува збор за многу значаен аспект на функционирање на здравствениот систем, аспект кој што значи спасување живот односно третирање на лица кои се во животно загрозувачка ситуација. Никогаш не е доволен тренингот во оваа област, секогаш е потребно постојано да се обновуваат знаењата, да се повторуваат определени активности со цел сериозно подигнување на нивото на знаење и вештини на што поголем број доктори,“ истакна Тодоров.
Докторите од итните медицински служби во рамки на своето 20-30 годишно работно искуство имаат одржано голем број меѓународни обуки, едукации, семинари за третирање пациенти во животозагрозувачка состојба. Едукативниот материјал за обуката е адаптиран на траума-стандардите кои се применуваат во 63 држави во светот.
Втората ваква обука ќе се спроведе од 13 до 16 октомври на која ќе бидат обучувани доктори од одделенијата за трауматологија од други јавни здравствени установи во Македонија кои не биле опфатени со првата обука.