Обраќање на премиерот Емил Димитриев по повод 2 Август – Илинден

Обраќање на премиерот Емил Димитриев по повод 2 Август – Илинден

Почитувани присутни,

Почитувани претставници на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија,

Почитувани претставници на верските заедници,

Почитувани претставници на Собранието, на Владата, на општините,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани граѓани,

Денес сме овде на ова легендарно место “Мечкин камен“, заеднички да го одбележиме големиот празник 2 август – Илинден, кој е симбол на непокорот, симбол на жртвата, симбол на преданоста на цела една генерација наши предци, кои тогаш кога било потребно се жртвувале себеси за денес ние да живееме слободно и рамноправно во нашата држава Република Македонија.

Како што ќе каже големиот Кочо Рацин

“…У историјата на македонскиот народ има многу места кај што се покажује сето онова што е битно за неговата борба за ослободуење. Секоа народна историја има таквиа места ели датуми, па и македонската историја. А еден таков, и това, можеби најголем е Илинден ели Илинденското востание. Това е денот, кога заспалиот македонски народ, разбуден од петвековниот сон се разбудуе и стануе да оди со свои нозе по своjот вистински пат…“

Токму тоа почитувани сограѓани, …тоа е симболот на денешниот празник, … големото будење на нашиот народ и тргнувањето со свои нозе, по својот вистински пат… И покрај тоа што оние кои тргнале знаеле каков е тој пат, дека тоа е патот на жртвата, дека тоа е трнливиот пат кон слободата, сосема свесни решиле со својата крв да остават патокази за следните генерации, да знаат каде да се движат, да знаат кој е вистинскиот пат.

Крушево е место со безброј такви патокази. Каде и да се свртиме, каде и да погледнеме, се чувствува тежината на големите битки, тежината на големиот празник кој денес го славиме и тежината и значајноста на идејата…. Се чини дека секој камен, секое дрво и секоја билка тука, крие своја приказна за минатото.

Една од големите битки во кој илинденските востаници ја бранеле Крушевската Република била битката кај Слива.

Во оваа битка, високо во планината, од една страна биле 40-ина комити, а од друга страна 20-илјадна војска која доаѓала да го задуши востанието. Комитите можеле да се повлечат, но така само ќе го олеснеле противничкото продирање, а со тоа ќе било загрозено и излекувањето на другите востанички сили и извлекувањето на самото население од Крушево. Одлучиле да останат и да се борат до крај.

Со четата командувале Диме Смугрев и Ѓорѓи Стојанов. Токму на тоа место, на Слива, се наоѓала и нивата на војводата Ѓорѓи Стојанов, нивата на неговите предци, нивата на Стојановци. Тоа е татковина, а татковината треба да се брани. Ако неговите предци таа нива ја залевале со пот, судбината налагала, тој како војвода да ја залее со својата крв. Така и било.

Пред самиот судир војводите се обратиле со зборовите: „Браќа часот е голем … Непријателот е пред нас, но и примерот за саможртвување е пред нас. Да докажеме дека сме корави Македонци, упорни борци и доблесни синови на родината. Од височините на Бела Вода, Македонија ќе го гледа нашиот подвиг. Смртта станува неизбежна, но еднаш прифатена, таа треба да се пречека достоинствено“.

Така и завршила оваа битка, достоинствено до самиот крај. Востаниците се бореле до последниот куршум, а со последните куршуми решиле да се самоубијат, за живи да не паднат во рацете на непријателот. Турските офицери, изненадени од херојството и саможртвата на овие јунаци, наредиле војската што минала покрај нивните трупови – со истрели во воздух да им оддаде почит.

Почитувани сограѓани,

Денес ние оддаваме почит кон илјадници вакви битки, кон илјадници знајни и незнајни јунаци кои ја прегрнале смртта за да го одбележат патот кон слободата.

Таква е нашата историја, тешка и емотивна. Дури и спомените за неа се тешки за раскажување. Таквата тежина е сосема доволен притисок за постојано да бидеме свесни што е тоа што го немале нашите предци во минатото, а што го имаме ние денес. Што е тоа за што порано се гинело, а денес ние го живееме.

Тоа е сопствената држава и слободата во секоја смисла на зборот. Слобода на сопствен идентитет, слобода да се зборува на својот мајчин јазик, да се образува на својот мајчин јазик, да се пее и твори на својот мајчин јазик, без притоа некој да биде презиран, навредуван и малтретиран. Денес секој може да ја развива својата култура на начин на кој тој смета дека треба да ја развива, без притоа да биде осудуван и прогонуван. Денес секој може да си ја одбере својата религија и да верува во неа без никакви притисоци и присилби да се откаже од истата и да премине во друга.

Таквата слобода е скапо платена и како таква треба да се цени и почитува од секој граѓанин на оваа земја, како и од сите други граѓани на другите земји.

Илинденското востание било само една етапа, еден поттик за следните генерации да го продолжат копнежот за слобода и сопствена држава. Како што ќе каже Кочо Рацин во предвечерјето на втората светска војна:

“Илинденското востание не го доврши патот за слободата. Тоа само го почна тој пат, поправо, само го покажа за тие што вистински се борат за вистинска слобода на Македонија. И баш затова оти тој пат не е довршен, оти само ако понего се тргне ќе се дојде до слободата на Македонија, баш затова ние младите, напредните синови на оваја поробена земја, треба да го цениме и учиме Илинден, за да би ја постигнале целта на својата борба и слобода на Македонија“.

Овие зборови на Рацин и повикувањето на историските традиции на Илинденското востание кои ги говореше Кузман Јосифовски Питу, биле водилка за следните генерации да ја поведат Македонија во втор Илинден и преку народноослободителната и антифашистичка борба да докажат дека илинденската идеја живее. Дека наследената борбеност и нескршливиот дух заедно со силната и исконска желба за слободна Македонија можат да издвојуваат победа. Победа која е заверена на првото заседание на АСНОМ со формирањето на слободната Македонска држава.

Токму затоа, ние денес ги одбележуваме двата Илиндена и оддаваме почит како на Илинденската генерација, така и на Асномската генерација. Денес Македонија и македонците секаде во светот одбележуваат 113 години од Илинденското востание и 72 години од АСНОМ.

Почитувани сограѓани,

Денешниот голем празник не потсетува на минатото но и не поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава. Значајноста и тежината на делата на илинденската и асномската генерација ја создаваат одговорноста на нашата генерација за иднината на државата. Тоа е одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации. Одговорност која сама по себе носи многу значајна тежина, затоа што кога станува збор за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста – најсилна, работливоста – беспоштедна а духот – нескршлив. Само така, и со силно единство наместо со надворешни замешателства, можеме да продолжиме да чекориме по патот на развој и просперитет на нашата татковина и да го исполниме аманетот на нашите предци за борба за Македонија.

Затоа, денес од Мечкин Камен повикувам на добра мисла и добра намера, на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на нашата татковина… Обединување на сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, на сите христијани и муслимани, бидејќи ова е наша држава. Бидејќи ова е држава на нашите деца и внуци. Повикувам на искрено единство кога станува збор за државните интереси и државните приоритети, кои никогаш не смеат да бидат ставени зад партиските приоритети или личните желби на некој политичар или група на луѓе. Повикувам на конструктивност на секој фактор и ја осудувам деструктивноста која некој сака да ја наметне како систем на делување. Ние сите треба да градиме, да создаваме дела и вредности, а поривот за рушење и критика на се, треба да биде потонат и енергијата да ја фокусираме на спроведување на реални проекти кои го подобруваат секојдневието на граѓаните.

Таков пристап и искрена волја ни е посебно потребна во овие моменти кога државата подолг временски период е вовлечена во политичка криза од која мораме и можеме да излеземе посилни. Оваа политичка криза не му одговара на никој што и сака добро на државата и истата создава одредена несигурност кај граѓаните која се рефлектира како на секојдневното живеење така и во стопанството. Политичката криза не може и не смее да биде период кој што ќе трае во недоглед и кој ќе нанесува штетни последици за државата, како дома така и во странство. Затоа треба да покажеме добра волја и свесност за излез од политичката криза, покажувајќи со тоа и свесност и желба за враќање на државата во нормалниот колосек и целосно посветување на работа насочена кон реализација на проекти и дела во интерес на граѓаните. Кон целосно фокусирање на решавање на проблемите на граѓаните но и кон целосно посветување на исполнувањето на нашиот врвен приоритет за целосна интеграција во НАТО и Европската Унија, односно добивањето на полноправно членство во НАТО Алијансата и отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, за што имаме и политички консензус и доволно сработено и реализирани реформи и докажани капацитети.

Токму затоа денес сакам да упатам апел за свесност и совесност во процесот на разрешувањето на политичката криза и излез од истата, во кој единствен приоритет треба и мора да бидат државните интереси и интересите на граѓаните.

Таквиот излез од наметната политичка криза е единствено возможен со одржување на избори на кои граѓаните на Република Македонија ќе донесат одлука која секој политичар и секоја политичка партија мора да ја почитува. Бидејќи тоа е вредноста на демократијата. Бидејќи така е секаде во светот и така мора да биде и тука. Волјата на народот е најсилна и секој политичар мора истата да ја почитува. Народот никогаш не греши и секогаш е во право. Негирањето на волјата на граѓаните, секој обид за сомнеж во одлуките на народот во обид за прикривање на сопствените слабости и порази претставуваат израз на непочитување на граѓаните и сериозен израз на недемократско однесување.

Силно уверен дека одржувањето на изборите ќе ја оконча политичката криза, Ве уверувам дека како Влада ќе направиме се што е во наша надлежност изборите да бидат фер и демократски, целокупниот изборен процес да се одвива според сите меѓународни стандарди а изборната кампања да помине во одлична демократска атмосфера. Како држава имаме капацитет за такво нешто и тоа сме го покажале на претходните изборни циклуси и можеме да го покажеме и сега. Нема причина и не смее сега да биде поразлично бидејќи тоа не е во корист на секој што ја сака оваа држава.

За изборната кампања и начинот на нејзиното реализирање од исклучителна важност е улогата на политичките партии кои се надевам и искрено очекувам дека наместо кампања базирана на навреди и местенки ќе се фокусираат на кампања и политика базирана на проекти и дела, на реална политичка понуда на проекти, на програма и на кредибилитет за исполнување на ветувањата. Ова го велам затоа што нашите граѓани сакаат од политичарите да видат проекти и дела, да видат доследност но и работливост за подобрување на состојбите во секоја област и во секој регион. Само така се добива довербата од нашите граѓани кои секогаш знаат добро да проценат и лично да одлучат на кого ќе ја дадат довербата и поддршката. Нашиот народ многупати досега ја покажал својата мудрост и својата свесност и затоа не се сомневам дека и при излезот од политичката криза нема да биде така. Нашиот народ, граѓаните на оваа држава се тие кои одлучуваат за Македонија! Никој не смее да ја негира волјата на македонските граѓани, бидејќи Македонија е на сите граѓани! Бидејќи Македонија е нашата татковина и татковина на нашите поколенија!

Драги пријатели,

И во моменти на политичка криза, и во моменти на соочување со глобални безбедносни ризици кои претставуваат сериозни предизвик за сите држави, како држава продолжуваме да бидеме фокусирани на реализација на програмата која е базирана на ветувањата кои се дадени во изборниот период и кои претставуваат наша обврска кон граѓаните. Бидејќи интересот на граѓаните мора секогаш да биде на прво место!

За таа цел и во овој период продолжуваме да работиме на основниот приоритет на Владата за намалување на невработеноста и отворањето на нови работни места. Историски најниското ниво на невработеност од 24,5% кое го постигнавме оваа година претставува доказ дека посветената долгогодишна работа вродува со резултат. Падот на невработеноста за 13,5 проценти во однос на минатото кога истата изнесуваше огромни 38 проценти е доказ дека имаме сила, знаење и енергија за подобрување на економскиот стандард на граѓаните. Дека Македонија може успешно да се справува со предизвиците и дека имаме сила за добри резултати.

Тоа е доказ дека борбата за нови работни места покажува резултати. Тоа е борбата на нашата генерација, за работа за секого, како чекор кон обезбедување на повисок стандард и плати за населението. За тоа говорат илјадниците ново отворени места во технолошко-индустриските развојни зони во кои работат странските компании, кои препознавајќи ги одличните услови за инвестирање дојдоа во нашата држава и изградија свои фабрики, и вработувањата во домашните компании. А доказ дека бројот на ново отворени работни места дополнително ќе расте, се и голем број на ново најавени инвестиции и препознавањето на овој стратешки приоритет од страна на домашната бизнис заедница која и покрај сите предизвици не отстапува од политиката на вработување и поддршка на растот, за што сакам на овој празник да им оддадам високо признание.

Сакам да искажам благодарност и до сите еснафски организации, на здруженијата на земјоделците, на синдикатите, на пензионерите, на младите, на учителите, лекарите, административците, полицајците и војниците, социјалните работници, работниците по фабриките и во услужниот сектор, земјоделците по нивите, кои успеаја да го задржат фокусот, да ја препознаат вистинската приказна за денешната борба за Македонија и македонскиот суверенитет, да ја направат разликата која што ја прават години наназад и кои успеаја да придонесат и во услови на криза државата да функционира, да ги надминува предизвиците и да чекори напред, со помало темпо од она што го посакуваме но сепак напред. И така ќе продолжиме. Да одиме напред!

Овие групи и категории на лица имаа суштинска улога во пребродувањето на предизвиците, внатрешни и надворешни и тие заслужуваат голем пиетет. Тие го исполнија својот влог кон државата, во иднина државата со уште поголем интензитет и обем треба да им возврати. И ќе им возврати. По разрешувањето на кризата, и по изборите, државата треба да влезе во помирни води и да почне да обезбедува нов циклус на реформи, на проекти, на задоволување на потребите на секој еден граѓанин на нашата земја. И ние како и досега сме спремни и подготвени да ја исполниме нашата обврска кон народот, бидејќи ние сме едно со народот.

По изборите, мора и ќе продолжиме со силно темпо на секој дел од теренот, на уште повеќе капитални инвестиции и градежни проекти кои на оваа држава и носат нови патишта и булевари, нови железнички пруги, нови спортски објекти, училишта и градинки, нови здравствени установи, нови театри и музеи, голема раздвиженост во градежниот сектор, многу работа за нашите компании и секако нови работни места во истите.

Само така, градејќи ја Македонија ја градиме иднината на нашата држава. Реализираме и ќе реализираме проекти кои остануваат трајни вредности за македонските граѓани. Градби кои се капитал на државата.

Реализираното досега повеќе од доволно говори дека имаме капацитет и енергија да ја направиме Република Македонија силна држава. Затоа што ние не се штедиме и работиме многу затоа што само работата, трудот и постојанството, посветеноста и одговорниот пристап, како и исполнетите ветувања ја прават разликата.

Почитувани сограѓани,

На крајот би сакал да завршам со една прекрасна мисла од нашето минато која вели:

“Пет минути од секое деноноќие ќе и ги посветам на Македонија, за да се соочам со мојата македонска совест и да се уверам дека не е ништо она што сум го сторил за неа”.

Во духот на оваа мисла би сакал да апелирам до сите оние кои искрено си ја сакаат оваа земја, во прв план секогаш да им бидат интересите на Македонија, интересите на нашиот народ и на иднината на следните генерации ! Пет минути помисла за Македонија, за да сфатиме дека имаме доста направено, но и дека имаме обврска уште многу да направиме. Пет минути помисла а остатокот од денот работа за Македонија и во интерес на Македонија!

Да се огледаме на нашата историја, да поземеме пример од минатото, да се соочиме со нашата совест и да се увериме дека колку и да сме направиле, тоа се уште не е доволно во однос на она што Македонија го заслужува, а Македонија заслужува најдобро !

….Заслужува стабилност, заслужува развој и инвестиции во секој регион, во секоја општина, во секое населено место, заслужува продолжување на добрите економски резултати, заслужува уште нови инвестиции, уште голем број на нови работни места, нови проекти, нови патишта, нови проекти во образованието, инвестиции во здравството, поддршка за земјоделството, културата, туризмот и сите останати сфери кои се од значење за секојдневното живеење.

Македонија заслужува развој и просперитет!

Ваквите заложби мораат да бидат исполнети, а за тоа сме одговорни пред историјата, пред нас самите, но и пред следните генерации на кои ја оставаме Република Македонија.

Нека ни е честит и за многу години големиот празник Илинден !

Нека е вечен споменот за илинденците !

Да сте живи и здрави!

Да живее Република Македонија!

Да живее илинденскиот дух!

Да живее европска Македонија!!!