Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, денеска се сретна со членовите на Парламентот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Брајан Бинли и Марк Причард.
Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, за време на средбата соговорниците ги поздравија билатералните односи помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, нагласувајќи ја значајноста на натамошното подобрување на соработката меѓу двете земји во сите области кои претставуваат заемен интерес.
Меѓу другото, на состанокот беа дискутирани и повеќе актуелни теми кои се однесуваат на економските политики на Владата на Република Македонија, процесот на интеграција на нашата држава во ЕУ, како и за реформите кои ги спроведува македонската Влада во областа на енергетиката чија цел е интеграција на домашниот пазар на енергија со пазарите на земјите членки на Европската унија.
Пешевски, како што се наведува, истакна дека македонската Влада презема низа мерки за економскиот и социјален развој на државата, како и да се одговори на предизвиците значајни за успешната интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ, притоа нагласувајќи дека Македонија ја цени поддршката која ја добива од Велика Британија во овој процес.
„Соговорниците се согласија дека Македонија се движи на вистинскиот пат и изразија задоволство од досегашната успешна соработка помеѓу двете земји, која претставува одлична основа за понатамошно јакнење на билатералните односи, економската соработка како и можностите за привлекување на странски инвестиции“, стои во соопштението.
Британските политичари Бинли и Причард потенцираа дека и понатаму ќе останат посветени во однос на унапредувањето на билатералните односи на двете земји и давањето поддршка на нашата држава за добивање на членство во Европската унија и НАТО.
Членовите на Парламентот, Марк Причард и Брајан Бинли, за време на посетата на Македонија имаа средби и со премиерот Никола Груевски и други високи претставници на Владата и македонското Собрание.